МБА: Сите банки почнаа со готовинска исплата на пензиите

Сите банки од денеска почнаа со готовинска исплата на априлските пензии во групи, информира Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Оттаму апелираат до пензионерите кои немаат дебитна картичка заради заштита на здравјето при посета на банката да поднесат барање за изработка на картичка со што пензијата ќе им биде достапна преку банкоматите во секое време.

– На пензионерите коишто имаат дебитна картичка, но не се запознаени со сите можности за нејзино користење, банките се подготвени да им излезат во пресрет со соодветни објаснувања и насоки, велат од МБА.

При посетата на филијалите и експозитурите се апелира да се почитуваат препораките за растојание од најмалку два метра пред и во банките и задолжително носење заштитна опрема на лицето.

Готовинската исплата на пензиите од денеска се одвива во четири групи – до 11 илјади денари се исплаќаат денеска, до 14 илјади денари утре, до 18 илјади денари задутре и над 18 илјади денари во четврток.

Од МБА се надеваат дека другите корисници на банкарски услуги ќе имаат разбирање и периодот од 8 до 12 часот кога е дозволено движење на лицата над 67 години ќе им ги отстапат на повозрасните граѓани.