Медицинските сестри во фокусот на одбележувањето на 11 септември, Брнз даруваше крв во традиционалната иницијатва со Црве крст- Скопје

Медицинските сестри оваа година се во фокусот на одбележувањето на 19 годишнината од трагичните настани на 11 септември во САД, во кои животот го загубија над три илјади лица. Со тоа, како што, истакна денеска американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз им се оддава почит на медицинските сестри, кои во 2020 година храбро се справуваат со пандемијата од Ковид-19.

Амбасадорката Брнз денеска даруваше крв, во рамки на заедничката иницијатива на Црвениот крст на град Скопје и Амбасадата на САД, а во соработка со Инстиутот за трансфузилогија, за дарување крв и донација на храна, која традиционално се одржува веќе 12 години.

-Овој ден го посветуваме на медицинските сестри, за нивната служба во 2020 година. Медицинските сестри играат клучна улога не само во терористички напади, во воени и кризни подрачја, подрачја погодени од природни непогоди, туку пред се оваа година и во справувањето со пандемијата со Ковид-19. Тие прават многу повеќе од пружање на медицинска помош, тие се вклучени во сите институции и медицински установи, обезбедувајќи безбедни протоколи, образование и скрининг, мониторинг и следење на текот на болеста, истакна Брнз.

Таа нагласи дека за таа цел следните денови на Фејсбук страницата на Амбасадата на САД секојдневно ќе бидат објавувани стории за медицински сестри во Скопје и во целата земја, за нивните искуства со пандемијата и за нивната служба во справувањето со неа.

Брнз ирази задоволство од 12 годишната традиција која Амбасадата ја реализира со Црвениот крст на Град Скопје, нагласувајќи оти ова партнерство е симболично, но дава придонес за поширокото партнерство на САД со Северна Македонија, кое се развива изминатите декади, а ќе продолжи и во иднина.

Почетоците на оваа соработка беа во 2009 година, поврзани со американскиот национален ден за служба и сеќавање на жртвите од 11 септември. Низ изминатите 11 години 2.573 лица дарувале крв и на тој начин ја покажаа својата хуманост и дадоа придонес за заедницата.

Собраната количина од 14 тони храна и 280 000 денари низ изминатите години, пак, биле донирани од партнерите и соработниците, меѓу кои голем дел од другите амбасади во земјава. Од нив се подготвиле и дистрибуирале 2.000 пакети со прехранбени производи и директно се помогнати над 8.000 лица од различни ранливи категории. Изминатите две години, придонес во акцијата дадоа и американските катчиња во Скопје, Тетово, Штип, Битола и Струга каде исто така беа организирани собирни акции.

Секретарката на Црвениот крст – Скопје, Сузана Тунева Пауновска истакна дека најважно од се е дека и во услови на пандемија активностите мора да продолжат посебно за институциите како што е Црвениот крст.

-Во изминатите години соработката покажа дека повеќе од три илјади луѓе даруваа крв, повеќе од осум илјади семејни пакети беа подготвени за да луѓето ја добијат поддршката. Токму затоа сметам дека оваа соработка со американската Амбасада и со Институтот за трансфузиологија и Црвениот крст навистина претставува еден добар пример за тоа што значи да се даде раката кога е најпотребна, а очекувам и оваа година да имаме доста успешна акција, нагласи таа.

Крводарителската акција почнува од денеска и ќе трае до идниот петок. Ги очекуваат сите оние кои редовно даруваат крв на овој ден, истото да го направат и оваа година.

-А тоа значи дека повторно заедно ќе направиме резервите на крв да бидат безбедни за Клиничкиот центар и повторно крвта да биде спремна за пациентот. Значи, пациентите да не ја чекаат крвта, нагласи Тунева Павловска.

Истакна дека во првите осум месеци од годината оствариле околу 27 илјади крвни единици, што ги задоволуваат сите оние потреби што беа наметнати согласно панедмијата со КОВИД -19. До крајот на годината очекуваат дека се она што го планирале и ќе го реализираат.

Секретарката на Црвен крст – Скопје напомена и дека од почеток на пандемијата до денес дистрибуирале помош во храна и средства за хигена за 35 илјади семејства, повеќе од 25 илјади пакети со средства за дезинфекција, а дале и комплетна поддршка на Клиниката за инфективни болести, Ковид центарот во Градската болница и сите оние клинички одделенија каде што имаше потреба од средства за дезинфекција, маски, ракавици.