Меркел вети 350 милиони вакцини за сиромашните земји

Групата Г-7 се договори на Самитот во Англија дека ќе ги зголеми производството и испораката на вакцини ширум светот, објави претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, а Германија најави дека ќе испорача 350 милиони дози.

„Приоритет е да одговориме на побарувачката за вакцини и тука Европската унија може да го превземе водството. Партнерите сега ни се придружија во забрзувањето на производството на вакцини и нивна дистрибуција низ светот“, објави Мишел на Твитер.

Во изјавата на Самитот на Г-7 кој завршува денес, групата од седум индустриски најразвиени економии во светот, наведува дека ќе испорача една милијарда дози вакцини против ковид-19 во следната година и дека ќе соработува со приватниот сектор, со групата Г-20 (која ги опфаќа растечките економии) и другите земји за да се зголеми производството и дистрибуцијата во следните месеци.

Германската канцеларка Ангела Меркел вети дека нејзината земја ќе даде „голем придонес“ во дистрибуцијата на вакцини за сиромашните држави.

„Германија е одговорна за 350 милиони дози“, рече Меркел во неделата во заклучоцитеод Самитот на Седумте најразвиени во Корнвел.

Во таа бројка, истакна канцеларката, влегуваат и 30-те милиони дози кои Германија веќе ги порача и кои во догледно време ќе ги проследи на другите земји.

„Со текот на времето бројката ќе биде веројатно поголема“, рече таа.

Германија, вакцините за другите држави ги проследува по пат на иницијативата Ковакс и во неа Германија е втор најголем донатор.

Канцеларката повтори дека Г-7 планира да дистрибуира вкупно 2,3 милијарди дози до крајот на 2022 година.

Исто така, како што пренесува агенцијата Ројтерс, Меркел се залага и за тоа вакцините да почнат да се произведуваат и во афричките земји.

(Фото: ЕПА)