Меркел за бегалскиот бран во 2015-та: „Знаев дека не можеме да примиме по 10.000 луѓе дневно“

LinkSense.mk

Германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, се сеќава на 2015 година, кога нејзината држава доживеа огромен прилив на бегалци, како многу предизвикувачко и „потресно“ време.

„Знаев, како и сите други, дека Германија не може секој ден да прима по 10.000 луѓе, но исто така знаев дека мораше да се најдат одржливи решенија и за луѓето кои бараат засолниште и за нашата земја“, изјави Меркел за неделното издание на весникот „Франкфуртен Алгемајне Цајтунг“.

Во 2015 година, кога Европа доживеа огромен прилив на бегалци од Блискиот исток, Меркел во почетокот одлучи да ги држи германските граници отворени, славно говорејќи „Ние го можеме тоа“.

Рано почнала да размислува за договор со Турција за таму да се прифатат сиријските бегалци. „Но, ми требаше време“, истакнува Меркел.

Во Германија тогашниот нејзин почетен либерален став и донесе почитување но и остри критики.

Канцеларката сега вели дека од секогаш била свесна дека е политички одговорна за се што се случило, „и за добрите моменти, кога бегалците беа дочекувани со раширени раце, и за лошите моменти“.

Меркел, исто така, нагласи дека Германија прашањето за миграцијата не може да го реши сама, туку „како дел од Европа и, во овој конкретен случај, во соработка со Турција“.

Таа ја пофали спогодбата за бегалците направена меѓу Анкара и Европската унија во 2016 година, велејќи дека двете страни имаа корист од неа и дека истата е разумна и денес.

Наголемо придонесе за тоа да се воведе повеќе ред во миграцијата и да и помогне на Турција да згрижи милиони сириски бегалци. И со години оневозможуваше злосторничка работа на криумчарите и трговците со луѓе“, рече Меркел за тој договор.

Една од одредбите на договорот меѓу Европската унија и Турција била дека Анкара ќе ја забави недозволената миграција во Унијата, а Грција ќе ги враќа во Турција мигрантите кои илегално стигнале на некој од островите во Егејското море.

Брисел, пак, за возврат се обврзал дека ќе превзема по еден сириски бегалец од Турција за секој Сириец којшто ќе биде вратен, а се обврзал и дека финансиски ќе ја помогне Турција да ги згрижи бегалците на свое тло.

 

 

 

(Фото: ЕПА)