Министерот Оливер Спасовски се вакцинираше во Куманово

– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се вакцинираше против Ковид-19 на вакциналниот пункт во спортската сала на „Перо Наков“ во Куманово. Тој изрази задоволство од заинтересираноста на кумановци за вакцинација и изрази благодарност до медицинските лица за спроведување на процесот на имунизација.

Спасовски повика граѓаните да се пријават и да се вакцинираат, бидејќи, нагласи министерот тоа е единствен начин да се победи пандемијата. За него, вакцинацијата е граѓанска, лична и општествена одговорност.

Навистина само вакцинацијата и имунизацијата на населението може да помогне да ја победиме оваа болест, Ковид-19 и затоа е многу важно сите граѓани од Куманово и од нашата земја што е можно во поголем број да се пријават за вакцинирање. Сакам да го изразам задоволството што кај граѓаните на Куманово има добра пријавеност за вакцинирање, веќе и над десет од населението на градот се имунизираше, што покажува на дело за една одговорност што ја имаме и како град и како луѓе во делот на вакцинирањето, изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи истакна дека сите вакцини се проверени и безбедни, додавајќи дека е важно граѓаните да се вакцинираат со која било вакцина, за да се спречат тешките форми на Ковид 19 и фаталните последици.

– Добро е што во последно време генерално имаме многу голем број граѓани што сакаат да се вакцинираат и уште еднаш ќе апелирам до сите нив да се пријават на vakcinacija.mk, ќе добијат термин и да ја завршат и личната и граѓанската должност на тој начин помагаме на себе и на семејството, на опкружувањето. Секако дека вакцинацијата не е крај на борбата против Ковид, посебно во периодот после вакцинирањето треба да внимаваме да ги почитуваме мерките за безбедност, изјави министерот.