Петтемина обвинети за тероризам, кои Врходниот суд ги пушти да се бранат од слобода, ноќва повторно се вратени во истражниот затвор Скопје.
Нивното приведување следува откако вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година.
Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.
Обвинетите, според јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовески, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните.
Врховниот суд во понеделникот одлучувајќи по жалби на осомничените, реши за дел од нив да ги укине мерките притвор и куќен притвор.
Од затворски притвор беа пуштени поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои добија мерката куќен притвор.







