Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа неуставен закон за јавно обвинителство

Дел од членовите во новиот предложен закон за јавно обвинителство се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ  бидејќи во неколку наврати се крши Уставот и Обвинителството го става под контрола на власта, истакна денеска на прес-конференција претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој презентираше дел од забелешките во јавноста, а тие допрва ќе бидат доставени до претставниците на СДСМ кои треба да ги разгледаат, а потоа да биде договорена средба.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека при анализата на Предлог законот партијата консултирала повеќе правни експерти кои, како што кажа, се подготвени да ги бранат забелешките.

„Носењето квалитетен закон за јавно обвинителство би значело решение по кое Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и  да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери.Токму затоа последниот кој има интерес во државата од квалитетно решение за јавно обвинителство е Заев. И затоа се толку силно фокусирани кон опструкции и кочење на носење квалитетно законско решение, но и наметнување на предлог закон кој ќе гарантира своевидна амнестија на криминалот на власта преку целосна контрола врз обвинителството, рече Мицкоски.

Повторно предлагаат, рече Мицкоски, формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство.

„Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.