Мицкоски: Доаѓа македонска пролет. Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го честита големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден на православните верници во државава.

„Посакувам многу среќа, здравје, и просперитет за Вас и Вашите најблиски. На Велигден споменуваме за големата саможртва на Бога и го славиме, бидејќи преку воскресението ја славиме и вечноста. Овој Велигден покрај празничната радост не обзема и горчина поради тоа што нашата земја се соочува со тешка криза. Повеќе од 4.800 наши сограѓани ги загубија своите животи, и над 150.000 се заразија и поминаа низ силни искушенија.

Дали можеше поинаку земјата да се справи со оваа криза?

Примерите околу нашата држава покажуваат дека и тоа како можеше, и поинаку, и многу подобро. Немаа план, а сиромаштијата расте. Шеесет илјади наши сограѓани останаа без работа, а многу бизниси трпат огромни загуби. Животот е се потежок. Во овие празнични моменти ова е горчината која го јаде секој еден човек и на секој еден од вас сакам да соопштам дека ви ја разбирам и болката и горчината. Но затоа мораме да ги менуваме работите заедно, пред државата да падне подлабоко во амбисот на неспособноста, криминалот и обезличувањето. Ќе донесеме иднина. Да не дозволиме уште еден Велигден да поминеме во несреќи.

Дали е возможно? Секако дека да. И заедно сме и посилни и поспособни. Следува македонска пролет и поубави денови. Ќе изгрее сонцето и за Македонија.

Ви посакувам лична среќа, успеси, и убави нешта за Вас и Вашите семејства. Да си помагаме едни со други, така и Бог ќе ни помогне.

Нека е за многу години Велигден! Христос Воскресе! Навистина Воскресе!“, наведува Мицкоски во честитката по повод Велигден.