Мицкоски: „Кирил и Методиј поттикнаа епохален цивилизациски процес!“

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес упати честитка по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители и учители Светите Кирил и Методиј.

„Ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на Европа, бидејќи со својата просветителска дејност и создавањето на глаголицата поттикнаа епохален цивилизациски процес. Ширењето на словенската писменост и заштитата на словенската култура е придонес кој што сите словенски народи го почитуваат и пред што се поклонуваат. Ние сме особено горди, што токму оваа искра на прво словенско писмо и просветителство почнува тука од Македонија“, се наведува, меѓу другото, во честитката.

Нивната мисија по текот на Брегалница, вели тој, била основата на која се градела нивната дејност. Говорот на Словените од Македонија била темелот на кој се градела целата словенска писменост која потоа преку Моравската Мисија ја рашириле ширум Словените во Европа.

„Затоа не е нескромно да се каже дека таа искра од Македонија го запали просветителскиот факел кој се прошири низ Европа, факел кој ден денес осветлува половина континент и стотици милиони луѓе“, напиша Мицковски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на крајот ја истакна гордост и благодарноста затоа што тие со златни букви ја запишаа Македонија во европската и светската културна ризница.

„Имињата на Кирил и Методиј кај секој граѓанин во Македонија будат посебен пиетет, но и аманет дека не смееме да престанеме да веруваме и да се бориме под ова небо. Тоа што светите браќа успеале да го направат пред повеќе од еден милениум само покажува дека можеме и мораме и денес да се носиме рамо до рамо со останатите европски народи и заедно со нив да придонесуваме кон градење на европската  иднина. Тоа што е наша гордост не смееме да го заборавиме. Тоа што е наше наследство не смееме да го распродаваме, туку напротив мораме да го надградуваме и потенцираме. Многу народи се благодарни на делото на Кирил и Методиј и влијанието кое тоа го направило во Светот, а ние мора да бидеме горди чувари на нивниот завет.
Нека е вечен празникот.

Нека е вечно делото на светите браќа Кирил и Методиј.
Нека е вечна Македонија…“