Младинците на ФК Вардар први на турнир во Сараево

LinkSense.mk

Младинската екипа на скопски Вардар го совлада Будуќност од Подгорица (2:0), во финалето на Меѓународниот турнир за играчи до 17 години “Играј фудбал, живеј го животот“ што деновиве се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина.

Почетокот на натпреварот протече во знакот на Будуќност чии играчи во неколку наврати се најдоа во изгледни прилики да го совладаат вардаровиот голман.

Вардар, меѓутоа, ги консолидираше редовите и се ослободи од притисокот на подгоричани и во 25 минута дојде во водство. Одличната акција што почна на средината на теренот од еден од најдобрите вардарови играчи Божидар Митревски, со прецизен удар ја заврши Ристовски и така својата екипа ја доведе до водство од 1:0. Со овој резултат се замина на полувреме.

Будуќност одлично стартуваше во вториот дел од натпреварот па преку Османовиќ и Кривокапиќ имаа одлични прилики да го изедначат резултатот, дури и да дојдат во водство, меѓутоа чуварот на мрежата на Вардар, Андов, се истакна со своите одбрани.

Во завршмицата на натпреварот Вардар ги казни промашувањата на Будуќност и преку Ветон Туша стигна до победата и првото место на овогодинешниот турнир.

Будуќност: Радуловиќ, Укшановиќ, Никочевиќ, Османовиќ, Милиќ, Обрадовиќ, Кривокапиќ, Вукотиќ, Прелевиќ, Бојовиќ, Мијовиќ, Балтиќ, Ѓуровиќ, Стијеповиќ, Вуковиќ, Стриковиќ, Кркељиќ, Дапчевиќ.

Вардар: Андов, Ѓурковски, Бојковски, Манасиевски, Митревски, Петејчук, Димоски, Илиевски, Хасановиќ, Стојановски, Ибиши, Зендели, Андоновски, Асани, Ристовски, Игљатов, Спировски, Речица, Туша.

Во натпревар за 3-то место екипата на домаќинот Сараево ја совлада новосадска Војводина, по изведувањето на пенали со 5:4, откако во регуларниот дел натпреварот заврши нерешено 1:1.