Младите луѓе бегаат од Бугарија: „Овде е хаос“

LinkSense.mk

Празни ходници и само осум новороденчиња во креветчиња.Одделот за акушерство во бугарскиот град Габрово ви кажува се што треба да знаете за драстичниот пад на наталитетот во Бугарија.

„Овде не останаа многу луѓе во репродуктивна возраст. Младите заминаа во големите градови и во странство во потрага по работа“, изјави педијатарот Бистра Камбурова (68) за АФП.

Корупција, немање перспектива и политички кризи

Габрово, стиснато во подножјето на Балканските планини, е симбол на намалување на населението во најсиромашната членка на Европската унија.

Некогаш познат како „бугарски Манчестер“ поради својата силна индустрија, градот изгуби половина од своите жители од 1985 година.

Тоа е добро позната приказна низ целата држава.

Корупцијата, немањето перспектива и спиралата на политички кризи, поради што во недела се одржуваат четврти парламентарни избори во последните 18 месеци, ги избркаа разочараните млади луѓе.

Аналитичарите предвидуваат дека изборите повторно ќе резултираат со фрагментиран парламент во кој ниту една партија нема да може да формира силна коалиција.

Бугарија за десет години загуби повеќе од една десетина од своите жители и е меѓу земјите во светот со најбрза депопулација.

Сега има 6,52 милиони жители во споредба со речиси 9 милиони во 1989 година. А, една четвртина од населението е над 65 години.

Пустина

Индустриите во Габрово за време на комунизмот вработуваа илјадници работници, пред фабриките да бидат напуштени поради стечаи и приватизација.

Сега е регион со најнизок наталитет и најненаселени села во државата.

„Овде почнав да работам во 1985 година. Во тоа време бројот на родени сè уште беше доста голем – околу 1.000 новороденчиња годишно“, вели докторката Камбурова, чии двајца возрасни синови се меѓу оние што си заминале од Габрово.

„Но, фабриките работеа, работеа, работеа“, додаде таа.

Минатата година на подрачјето на Габрово се родиле само 263 деца, за кои се грижела оваа енергична педијатарка, која работи и понатаму иако веќе ја поминала старосната граница за пензионирање, и тоа за „мизерна плата“.

„Објаснувањето е едноставно – нема работа, нема млади, нема деца“, вели акушерката Маријана Варбанова.

Многумина од оние што останаа со задоволство би заминале.

„Во Габрово уживате во мир и чист воздух, но тоа е пустина во која може да сретнете само стари луѓе“, вели 23-годишната Христијана Крастева, логопед, која неодамна роди девојче.

Нејзиниот сопруг, кој работи како столар, се подготвува да замине во Британија во потрага по подобра иднина за своето семејство.

Внуци за изнајмување

Стоејќи пред првото јавно училиште во Бугарија, основано во Габрово во 1835 година, средношколецот Иво Димитров, исто така, сака да замине во Западна Европа за да добие „квалитетно образование и нови хоризонти“.

„Тука е хаос“, рече тој, критикувајќи ја негрижата на политичката класа.

И покрај помошта од Брисел откако Бугарија влезе во ЕУ во 2007 година за да помогне во развојните проекти, транспортот и туризмот, на Габрово му требаат се помалку работници.

„Ќе биде потребно време да се смени овој демографски тренд“, вели аналитичарот Адријан Николов од Институтот за пазарна економија во Софија.

Само 35 луѓе живеат во живописното село Заја од 17 век, на отприлика 25 километри оддалечено од Габрово. Освен мештаните, таму се населиле пензионери од Франција, Британија, Белгија, Русија, Италија и други земји, привлечени од поевтиниот живот. Нема гласачко место, а селската продавница е затворена пред многу години бидејќи нема муштерии.

„Се снаоѓаме некако. Се собираме и заедно одиме да купуваме“, вели Марин Крастев, пензиониран електричар, чија ќерка одамна замина во Германија.

Еднаш неделно овој 77-годишник вози уште тројца пензионери од селото до најблиската продавница.

За да внесат малку радост во нивните животи, старите лица во текот на летото се вклучија во општинската програма наречена „Внуци за изнајмување“, во рамките на која младите доаѓаат во Заја да го запознаат животот на село.

„Се радуваа на зајаци, но и на домашни домати и пиперки“, рече со насмевка претседателката на селскиот културен дом Бојана Бонева (75).

 

 

 

 

 

 

 

(Извор: Хина / Фото: ЕПА)