И покрај обидите на рускиот лидер, Владимир Путин, и руските државни медиуми вината за смртоносниот напад во концертната сала „Крокус Сити Хол“, во Москва, да ја лоцираат врз Украина, протекуваат се повеќе и повеќе детали за џихадистичката група ИС-К, која тврди дека стои зад тоа, пишува Би-Би-Си.
ИС-К е кратенка од Исламска држава-Корасан. Тоа е регионален огранок на забранетата терористичка група Исламска држава, која е фокусирана на Авганистан, Иран и Пакистан. Групата си го дала името Корасан затоа што била дел од историскиот исламски калифат кој ги опфаќаше тие земји, како и северниот регион кон Централна Азија.
ИС-К постои веќе девет години, но во последните месеци се покажа како најопасен огранок на Исламска држава, со далекусежен дострел и репутација за екстремна бруталност и суровост.
Заедно со остатоците од групата во Сирија и Ирак, ИД-К се стреми кон сенационален исламски калифат управуван со многу строго толкување на шеријатот, со исламски закон.
Во Авганистан, води спореден, но сеуште брутален бунт против владетелите на земјата, Талибанците, на кои им се спротивставува врз основа на идеолошки разлики.
Одговорни се за масакрот за време на хаотичната евакуација на аеродромот во Кабул во 2021 година, кога бомбаш самоубиец уби 170 Авганистанци и 13 американски војници.
Следната година цел на напад беше руската амбасада во Кабул, при што загинаа најмалку шест лица.
Групата е одговорна за неселективни напади врз породилишта, автобуски станици и полицајци.
Во јануари оваа година, ИС-К во Иран изврши двоен бомбашки напад врз световен храм во градот Керман, при што загинаа речиси 100 Иранци.
Во Русија извршиле повеќе мали напади, а последниот бил во 2020 година. Руската ФСБ објави дека годинава биле спречени неколку терористички заговори.
Кои се напаѓачите?Според руските државни медиуми, четворицата мажи кои се заробени и обвинети се Таџикистанци од централноазиската република Таџикистан, која некогаш беше дел од Советскиот Сојуз.
Судејќи по нивниот изглед, за време на сослушувањето биле тепани и мачени, а според меѓународните норми, поради ова нивните признанија ќе бидат безвредни, се наведува во текстот на Би-Би-Си.
Се појавија извештаи дека еден од мажите бил виден како го надгледува местото на крвопролевањето на почетокот на март, отприлика кога САД ја предупредиле Русија дека постои непосредна закана од терористички напад каде било на јавен простор, особено на концерти и слични собири. Таквото предупредување Кремљ го отфрли како „пропаганда“.
Во друг извештај се сугерира дека најмалку двајца од напаѓачите неодамна пристигнале во Русија, што имплицира дека тоа бил „ударниот тим“ испратен од ИС-К, а дека не станува збор за ќелија што таму била инсталирана од поодамна и досега „спиела“.
Би-Би-Си наведува неколку причини зошто токму Русија е цел на групата ИС-К.
ИС-К повеќето земји во светот ги смета за свои непријатели. Русија е високо на листата, заедно со САД, Европа, Израел, Евреите, христијаните, шиитските муслимани, Талибанците и сите владетели на земјите со мнозинско муслиманско население, за кои тие велат дека се „отпадници“.
Непријателството на Исламската држава кон Русија датира од чеченските војни од 1990-тите и почетокот на 2000-тите, кога силите на Москва го уништија главниот град на Чеченија, Грозни.
Неодамна, Русија влезе во сириската граѓанска војна на страната на својот сојузник, претседателот Башар ал Асад, а руската авијација често ги бомбардираше бунтовниците и цивилните позиции, убивајќи притоа голем број борци поврзани со Исламската држава и Ал Каеда.
Во Авганистан, ИС-К ја гледа Русија како сојузник на Талибанците, поради што тие ја нападнаа руската амбасада во Кабул во 2022 година.
Исто така, сè уште не ги заборавиле 10-те години брутална советска окупација помеѓу 1979 и 1989 година. Потоа, тука е и ситуацијата внатре во самата Русија.
ИС-К на Русија гледа како на христијанска земја, а нивното видео објавено после нападот во Москва зборува за убивање христијани.
Таџикистанските и другите работници-мигранти од Централна Азија понекогаш се изложени на одреден степен на малтретирање од страна на ФСБ како дел од истрагите за терористички закани.
И, на крај, Русија – земја што води голема војна против соседна Украина – можеби е едноставно погодна цел за ИС-К, место каде што оружјето е лесно достапно, а нивниот непријател помалку претпазлив.
Низа прашања, сепак, ќе останат без одговор.
На пример, зошто напаѓачите можеле колку што сакаат да шетаат речиси еден час низ салата „Крокус“ без какво било чувство на итност?
Во земја каде што полицијата и специјалните служби, особено ФСБ, се сеприсутни, напаѓачите се однесувале како да знаеле дека нема да бидат спречени од никого.
Тука е и оружјето – не само пиштоли, туку и моќни, модерни автоматски јуришни пушки.
Како успеале да ги набават и да ги прошверцуваат во салата? Изненадува и брзото фаќање на сторителите.
За разлика од многу џихадисти во слични напади, овие мажи не носеле на себе самоубиствени елеци или појаси.
И, на крајот, се истакнува во тектот на Би-Би-Си, не им требаше долго време на руските власти, кои не успеаја да го спречат најтешкиот терористички напад во последните 20 години што им се случи „пред нос“, да ги уапсат осомничените и да ги изведат пред лицето на правдата.
Сето ова наведува некои аналитичари да шпекулираат за некаква „внатрешна работа“ од страна на Кремљ или „операција под лажно знаме“, за да се добие поддршка од јавноста за војната против Украина.
Меѓутоа, потенцира Би-Би-Си, сеуште нема цврсти докази што ќе ја поддржат таа теорија.