МНР на Бугарија е разочарано од донесената Резолуција на Собранието на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи (МНР) изразува разочарување од Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година и со жалење забележува дека овој чин доаѓа во време кога билатералниот дијалог меѓу Софија и Скопје, како резултат на долгорочните напори, почна да преминува во попозитивна и ветувачка фаза.

Ова се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија по повод Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година, соопштија од пресслужбата на Министерството за надворешни работи.

Бугарија го очекува објавувањето на Резолуцијата за да може внимателно да ја анализира нејзината содржина во однос на нејзината компатибилност со потпишаниот и ратификуван од Собранието на Република Северна Македонија Договор за пријателство, добрососедство и соработка, од 2017 година, како и потенцијално влијание на овој документ врз досегашниот дијалог.

За Бугарија би било целосно неприфатливо преку такви акти да се мотивира или оправда неисполнување на Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, што е во спротивност со водечките принципи на меѓународното право. Единствениот правилен пат за изнаоѓање одржливи и заемно прифатливи решенија за тековните предизвици во нашите односи е строго почитување на постигнатите договори и преземените обврски, нивна ефикасна и совесна имплементација, како и поддржување искрен и целосен дијалог, се додава во соопштението.