Молотови коктели врз битолскиот Музеј на албанската азбука

LinkSense.mk

Фасадата, влезната врата и еден прозорец од објектот на Музејот на албанската азбука во Битола, се оштетени, утрово околу 4 часот.

Од полицијата во Битола посочуваат дека настанот е регистриран и поставено е обезбедување на објектот, со цел непречено да се изврши истрагата за овој случај.

Според првичните информации, непознати лица фрлиле шишиња со запалива течност и притоа ги оштетиле влезната врата и прозорецот на вториот кат и спомен-плочата на Музејот.

muzej vrata

По овластување на Јавен обвинител увид изврши екипа од битолската полиција.

Од местото на настанот се подигнати делови од стаклени шишиња, ткаенина, примероци од запалива течност и селотејп, но и отпечатоци од стапалки и од прсти кои се доставени за вештачење.

Повеќе детали околу истрагата ќе бидат соопштени откако ќе се добијат конкретни информации за сторителите.

Од Министерството за култура најостро го осудуваат уништувањето на надворешноста на националната установа, каде што е презентиран дел од културната историја на албанскиот народ во Македонија.

„Историјата на албанскиот народ е дел од заедничкото мултикултурно наследство кое е силна одлика на Македонија. Во таа насока, апелираме на воздржаност од насилство и почитување на културното наследство на нашата држава“, се вели во соопштението од Министерство за култура.