Моментален пад на биткоинот или распад на крипровалутата?

Најновиот наплив на песимизам на којшто во значителна мерка му кумуваше и неизбежниот Илон Маск, испровоцира драматичен пад на биткоинот, но краткотрајната распродажба само привремено ја сруши цената на криптовалутата, повторно отворајќи бројни недоумици заради кои е многу тешко да се одреди неговата судбина.

„Биткоинот се распадна“, ликувајќи тврди еден табор. Или, пак, не? Станува збор за вообичаена корекција, спремно ќе одговорат на тоа неговите фанози, обидувајќи се да затскријат чувството на нелагодност кое го буди погледот на графиконот на вчерашните збиднувања кои тешко можат да се објаснат.

Впрочем, ниту самиот феномен „криптовалута“ не може баш лесно да се сфати. Во ситуација како створена за цитат кој некогаш одамна го популаризираше Валканиот Хари („мислењето е како…“), да се прогнозира понатамошниот развој на настаните навистина е депласирано, а обидите за рационализација по принципот за дополнителен ум премногу се лимитирани со иницијалните ставови на двете спротивставени страни.

Проблемот е што ниту едните ниту другите немаат никаков конкретен модел кој би ги објаснил бројните подеми и падови, а неодредените проценки, лишени од временска димензија, не се од никаква корист.

За љубителите на криптовалутите, случувањава се некаква реакција на поплавата од лоши вести кои ја нарушија довербата кај инвеститорите, но не менуваат ништо фундаментално на работите.

За оние кои го застапуваат спротивното мислење, вчерашниот хаос е почеток (или продолжение) на рушење на пирамидата која исцица огромна количина на капитал и на некои патем им ги наполни џебовите.

Вистината е веројатно некаде на место ограничено со тие екстреми, но повторно – никој ни приближно не знае колкав ќе биде курсот на биткоинот утре, за три дена или за пет месеци. Впрочем, ова не е прв, а веројатно ниту последен екцес: историјата на криптовалутите е испреплетена со драматични осцилации кои во светот на конвенционалните финансиски инструменти се ретка појава.

Резултатот од сите недоумици е фактот дека биткоинот е тешко да се вметне во конвенционална класификација на финансиски инструменти. Зад биткоинот, објективно, не стои ништо: никаква обврска на издавачот како, на пример, кредит или обврзница, никаква вредност како акција и никаква употребна вредност како суровина или стока.

Биткоинот не нуди никаков принос како камата или дивидента, а неговата вредност, сите подеми и падови, произлегуваат од односот на понудата и побарувачката, кои, да биде работата уште потешка, многу тешко е да се квантификуваат.

Не е ни чудо што Роберт Шилер го искористи токму примерот на биткоинот за објавување на својата книга „Наративите на економијата“, опишувајќи ги трендовите и идеите кои во текот на долгата историја на човековиот род настанувале и исчезнувале токму благодарејќи на перцепцијата на, помалку или повеќе, виралните идеи, често потенцирани од маркетингот.

Со систем на елиминација, валутите се единствена категорија во која криптовалутите можете до некаде да ги напикате. За волја на вистината, не е толку едноставно да се предвиди ниту колку ќе изнесува курсот на еврото и доларот во блиска иднина, но врз основа на минатите збиднувања постои можост со прилично голема сигурност да се претпостави дека нема да скокне од релативно тесниот распон.

Во последните дванаесет месеци, односот на еврото и доларот, најпопуларните валути на девизниот пазар, се движеше меѓу 1.08 и 1.24 долари (разликата меѓу долната и горната граница е отприлика 15 проценти).

За тоа време, односот на биткоинот и американскиот долар скокаше меѓу 8.500 и 65 илјади долари, што е разлика од неверојатни 660 проценти, и токму тој факт претставува клучна препрека за биткоинот и другите криптовалути.

Биткоинот од самиот почеток се обидува да се етаблира и како алтернативно средство за плаќање кое го заобиколува надзорот на државните и меѓународните институции , а после и на „паразитите“ како што се финансиските посредници па од таму е нагласокот за децентрализација.

Засега тоа му успеало само во криминалното милје (од лесно сфатливи причини), но обидете се барем за момент да се ставите во кожата на просечен сопственик на веб продавница којшто треба да реши дали биткоинот ќе го означи како прифатливо средство за плаќање, рамо до рамо со веќе етаблираните валути како што се доларот или еврото.

Џон Дое нема кристална топка за да го види идниот развој на настани, не му остана незабележан долгорочно позитивниот тренд на биткоинот, можеби дури го уважува и нарушувачкиот потенцијал на новите валути кои би можеле во некакво сценарио да го направат безобразно богат, но и тоа како е свесен за потенцијално погубните последици кои, нестабилноста на биткоинот и наглите паѓања на цената, можат да ги остават на неговото работење.

Графиконот ги прикажува дневните осцилации на биткоинот во односотна доларот (светлата линија), покрај кои движењето на курсот на еврото и доларот (потемната линија) се однесува речиси – неподвижно.

Само во текот на минатиот ден биткоинот во еден момент се спушти на 30 илјади долари од почетните 39 илјади, паѓајќи до најниската стапка од почетокот на годината, повлекувајќи ја со себе и цената на свитата криптовалути.

И затоа Џон Дое, како и голем број други негови колеги, засега се држат подалеку од биткоинот. Исклучок се ретките авантуристи желни за слава и бесплатна реклама, кои во медиумите уживаат статус на загрозен вид.

Повеќето од приврзаниците на биткоинот веруваат во неговиот потенцијал за раст и од таа причина не сакаат да ги трошат заработените криптовалути.

Зошто некој денеска би потрошил еден биткоин за купување електричен автомобил „Тесла“,ако верува дека за два месеца или две години, сеедно, цената за истото возило би била само 0,50 или 0,75 биткоини?

Се разбира, „Тесла“ во оваа приказна не е резултат на случаен избор – Илон Маск е еден од најгласните и најпознатите заговорници на криптовалутите. Објавата дека компанијата купила биткоини во вредност од неверојатни 1,5 милијарди долари, своевремено ја катапултираше најпознатата криптовалута над 60 илјади долари, а Маск се наметна во најзвучно име меѓу малубројните авантуристи кои го прифаќаат биткоинот како легитимно средство за плаќање.

Меѓутоа, би било сосем погрешно да се става Маск во ист кош со останатите. Најнапред поради фактот дека „Тесла“ од средината на мај повеќе не го прифаќа биткоинот како средство за плаќање, а и заради тоа што Илон Маск сепак е посебна ѕверка.

Добар дел од „битконистите“ се подготвени токму него и неговите, де вакви де такви, коментари на Твитер, колку и тие да се неубедливи, да го обвинат за најновиот пад, заборавајќи притоа дека Маск беше еден од клучните протагонисти на спектакуларниот раст.

И едното и другото покажуваат дека биткоинот, меѓу останатото, се карактеризира со многу нездрава зависност од Илон Маск.

И додека „Тесла“, компанијата чии акции котираат на берзата, е обврзана да ги пријави сите свои активности па дури и оние со биткоини, макар и во квартален извештај, не е неважен фактот дека Маск, ако купува и продава биткоини за своја сметка, во својство на физичко лице, не е обврзан да пријави – ништо.

Ова последново може и не мора да биде индикативно, како впрочем и повеќето факти изнесени во оваа анализа.

Затоа, какви било конкретни предвидувања се целосно депласирачки.

Биткоинот вреди онолку колку што купувачот е подготвен да плати. А, тоа е веќе многу потешко да се објасни.

 

 

(Извор: Индех.хр)