Управниот совет на Европската централна банка на вчерашната седница очекувано ги зголеми трите клучни каматни стапки на Европската Централна Банка за 50 базични поени.
Според тоа, каматната стапка за главните операции за рефинансирање е зголемена на 2,5%, каматната стапка за можноста за задолжување на крајот на денот на 2,75%, а депозитните каматни стапки на 2%.
Иако одлуките за идните промени на каматните стапки ќе се носат врз основа на најновите достапни податоци (особено за инфлацијата), ЕЦБ јасно ги истакна изгледите за значителни зголемувања со стабилно темпо.
Горенаведеното имплицира дека е сосема реално да се очекува ново зголемување на клучните каматни стапки за дополнителни 50 базични поени на состанокот во февруари 2023 година.
Зголемувањето на каматните стапки и реториката на ЕЦБ се последица на тековните и очекувани инфлациски притисоци, бидејќи на вчерашната седница очекуваната стапка на инфлација беше значително ревидирана нагоре, додека изгледите за раст на економијата на еврозоната се намалени со изгледна краткотрајна и блага рецесија на крајот на оваа и почетокот на следната година.
Најновата ревизија предвидува просечна стапка на инфлација од 8,4% во 2022 година, 6,3% во 2023 година и дополнително намалување на 3,4% во 2024 година и 2,3% во 2025 година.
На среден рок, циклусот на зголемување на стапката треба да забави до 25 бб, а потоа и да излезе, штом ќе се достигне одредено ниво. Сепак, ЕЦБ сè уште се воздржува од означување на нивото до кое ќе се подигнат каматните стапки (т.н. терминална стапка).
Но, крајот на циклусот на покачување на каматните стапки секако ќе биде во рестриктивната зона и ќе остане таму долго време, се со цел да се врати стапката на инфлација на планираното ниво од 2%.
Покрај клучните каматни стапки, дополнително заострување на монетарната политика ќе има и преку политиката на управување, односно намалување на билансот на централните банки.
Од почетокот на март 2023 година, портфолиото на програмата за купување средства (анг. asset purchase programme, APP) ќе се намалува со умерена и предвидлива динамика во просек за 15 милијарди евра месечно. Значи, нема во целост да се реинвестираат главнините на доспеаните хартии од вредност. Вкупниот волумен, така, до крајот на јуни ќе се намали за 60 милијарди евра, на околу 3.195 милијарди евра.
Доспевањата во рамки на АПП ќе изнесуваат вкупно 131 милијарда евра, помеѓу март и јуни 2023 година, реинвестициите според тоа ќе изнесуваат 71 милијарда евра, што одговара на уделот на реинвестирање од 54%. Европската Централна Банка сè уште го остава отворено натамошното темпо на намалување.
Дополнителни детали за намалувањето на портфолиото на АПП ќе бидат објавени во февруари.
Експертите сметаат дека активна распродажба на обврзниците е малку веројатна во блиска иднина.
Во однос на портфолиото на ПЕПП, реториката на ЕЦБ не се смени.
Хартиите од вредност стекнати во рамките на ПЕПП сè уште се планираат во целост да се реинвестираат барем до крајот на 2024 година.
Понатаму, намалена е директната понуда на банките со ликвидност преку операции за рефинансирање (ТЛТРО).
Поради променетите услови, заостанатите (недоспеани) ТЛТРО предвреме се отплаќаат. Освен тоа, досега не е одлучено за понатамошно финансирање на ТЛТРО налозите кои доспеваат, при што активна комуникација за ова прашање може да се очекува најдоцна во 2023-та.
Освен очекуваното прилагодување на инфлаторните очекувања, ЕЦБ не донесе никакви изненадувања околу новите надолно ревидирани проценки за економскиот раст.
Според ЕЦБ, економијата најверојатно ќе западне во кратка и блага рецесија на крајот на оваа/почетокот на следната година.
Ризиците за економијата се оценети како негативни, а инфлацијата како позитивна.
Со оглед на тоа дека аналитичарите извесно време ги сметаа прогнозите на ЕЦБ премногу оптимистички, сега сметаат дека оваа ажурирана проценка е реална.
Пазарот најновите одлуки на ЕЦБ ги оцени како рестриктивни.
Значително пораснаа приносите на двегодишните и десетгодишните германски државни обврзници, распонот на италијанските државни обврзници благо се зголеми, додека еврото зајакна во однос на американскиот долар.
Значи, врз основа на вчерашните вести од централната банка, играчите на пазарот проценуваат дека клучните каматни стапки на ЕЦБ ќе се зголемат на повисоко ниво од претходно проценетото и/или ќе останат таму подолг временски период.
Сепак, постои висок степен на неизвесност во поглед на економските изгледи и идното движење на клучните каматни стапки, така што мора да се претпостави дека мислењата за финансискиот пазар ќе продолжат брзо да се менуваат во наредните месеци, односно дека нестабилноста ќе остане релативно висока.
(Фото: ЕПА)