МОН интензивно работи како ќе се организира школската година, повеќе нема да има густ распоред за седење

„Министерството за образование и наука интензивно работи на тоа како ќе се организира школската година. Од страна на Комисијата на зраразни болести има подготвено препораки не само како да се организира наставата туку и друи едукативни курсеви, симпозиуми, со одржување дистанца“, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Треба заедно сега во оваа следна фаза со претставници на МОН сето тоа се го споделиме, да се кажат нашите аргументи, со цел во периодот што доаѓа ние да бидеме спремни за следна учебна година, или како и да се одлучи да може да се одвива наставата на соодветен начин. Не како досега со оној густ распоред за седење, не само за овие институции туку и за јавниот превоз, и за фабриките и за рестораните…“, нагласи Филипче.

На новинарско прашање дали има доволно единици крв на Трансфузиологија, Филипче рече дека секојдневно има комуникација со директорот на Институтот, кој му ги испраќа табелите, и како што рече, резервите не отстапуваат во и имаме увид во однос на истиот период минатата година, и се сосема доволни.

Министерот посочи и дека двете недели од неговата изолација му истекуваат во четврток, и тогаш ќе треба повторно да се тестира.

Во однос на тоа дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски се тестирал повторно од страна на Центарот за јавно здравје Куманово и резултатот е негативен идали тоа значи дека му завршува карантинот и може да се врати на работа во четврток, Филипче рече дека треба да се почитуваат решенијата на ДСЗИ.

„Има таму издадени решенија од Државниот санитарен здравствен инспекторат и епидемиолози така да сите тие решенија мора да се почитуваат и има медицинска причина зошто се издадени во даден момент треба да траат толку колку што е тоа препишано“, одговори Филипче.