Економски податоци за Кина за првите два месеци од оваа година објавени денеска ги надминаа очекувањата на аналитичарите.
Продажбата на мало се зголеми за 5,5%, што е подобро од очекуваното зголемување од 5,2% во анкетата на Ројтерс, додека индустриското производство се зголеми за 7%, во споредба со проценките за пораст од 5%.
Инвестициите во основни средства се зголемија за 4,2%, повеќе 3,2 како што процеуваа аналитичарите.
Стапката на невработеност за градовите изнесува 5,3 отсто.
Онлајн продажбата на мало на физички стоки во јануари и февруари порасна за 14,4% во однос на истиот период од 2023-та. Вложувањата во недвижности во првите два месеци од годинава се намалени за 9 отсто во однос на ланската година. Инвестициите во инфраструктурата се зголемени за 6,3 отсто, а пак во производството за 9,4 отсто.
„Веруваме дека кинескиот секвенцијален замаф на растот остана солиден во првото тримесечје и покрај значителното отстапување меѓу секторите“, наведоа аналитичарите на „Голдман Сач“ во извештајот објавен денеска после изнесувањето на податоците.
„Меѓутоа, за да се постигне амбициозната цел за раст од ‘околу 5%’ оваа година, сè уште е потребно дополнително ублажување на политиката, посебно на страната на побарувачката (на пр. фискална, станбена и потрошувачка)“.
И покрај оптимистичките резултати, портпаролката на Националното биро за статистика, Лиу Аихуа, предупреди дека домашната побарувачка и понатаму е недоволна.
Таа им рече на новинарите дека недвижностите и понатаму се во период на „приспособување“ и дека севкупната економија е во „критичен период на закрепнување, трансформација и надградба“, според преводот на Си-Ен-Би-Си на нејзините коментари дадени на мандарински јазик.
На прашањето за стапката на невработеност за лицата на возраст од 16 до 24 години, Лиу рече дека бројките ќе бидат објавени неколку дена после месечната конференција за новинари за економските податоци.
Економските бројки за јануари и февруари обично се комбинираат во Кина за да се изедначат варијациите во однос на Лунарната Нова Година, која може да падне во двата месеци, зависно од календарската година.
Тоа е најголемиот државен празник во земјата, за време на кој фабриките и претпријатијата остануваат затворени најмалку една недела.
Оваа година, бројот на домашни туристички патувања и приходите за време на празниците пораснаа во споредба со минатата година, како и со бројките од пред пандемијата од 2019 година. Но, економистите истакнуваат дека „просечната туристичка потрошувачка по патување е сè уште 9,5% под нивото пред пандемијата во 2019 година“.
Велат дека малопродажбата после пандемијата не закрепнала толку силно колку што многумина очекуваа, бидејќи потрошувачите станале несигурни за нивните идни приходи.







