Над 22 проценти од жителите на индиската сојузна држава Делхи биле заразени со Ковид-19

Повеќе од една петтина од населението на индиската сојузна држава Делхи биле инфицирани со новиот коронавирус, соопшти индискиот Национален центар за контрола на болестите.

Центарот спровел тестирање на 21.387 луѓе по случаен избор.

– Утврдено е дека 23,48 проценти од тестираните граѓани имаат антитела на Ковид-19. Ако се земе во предвид статистичка грешка, тогаш 22,86 отсто од населението било инфицирано од вирусот, изјави директорот на Центарот, д-р Суџит Кумар Синг

Во државата Делхи живеат 29 милиони луѓе, а според официјалните податоци, регистрирани се 123.747 случаи на новиот коронавирус. Но, според истражувањето на Национален центар за контрола на болестите најверојатно биле заразени повеќе од 6,6 милиони лица.