Германија прими 280.000 нови баратели на азил во 2016 година, што е за две третини помалку од рекордните 890.000 колку што беа во 2015 година, изјави министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер.
Од јануари до декември 2016 година, најголемиот број на барања за азил стигнале од државјани на Сирија, 36 отсто од вкупниот број, следат државјаните на Авганистан, 17 отсто, и Ирак со 13 отсто од вкупниот број.
„Ова е доказ дека мерките на германската влада и Европската унија функционираат, приливот на мигранти може да се регулира и контролира“, рече Де Мезиер.
Доаѓањето на мигрантите во Германија нагло се намали минатата година со прекинувањето на „балканската мигрантска рута“ во март и со постигнувањето на договорот меѓу Европската унија и Турција да се запре нивното доаѓање преку Егејското море и Грција.
Де Мезиер вели дека бројот на одбиени барања за азил е азиланти кои ја напуштиле Германија порасна, иако германските власти сеуште не се задоволни со постигнатото.
„Вкупно 80.000 луѓе своеволно ја напуштија државата или беа депортирани“, посочи тој.
Министерот додаде дека во моментот во тек се преговори со државните власти за забрзување на тој процес.
Според денес објавените резултати, минатата година поднесени се 745.545 барања за азил, што е за 268.896 повеќе отколку во 2015 година.
Најголем број се Сиријци, односно 268.866 барања.
Сојузната канцеларија за миграции и бегалци лани решила повеќе од 695.000 апликации за азил, двојно повеќе отколку во 2015 година, а речиси 60 отсто добиле или полн бегалски статус или некој понизок облик на заштита.