Најмалку фискални сметки се издаваат за извршени услуги

Во Македонија најмалку се издаваат фискални сметки за услуги за одржување и за поправки на домот, за изнајмување имот, како и за занаетчиски услуги, а најредовно за професионални услуги, покажуваат денеска објавените резултати од истражувањето на Центарот за креирање и истражување политики.

Теренската анкета е спроведена во мај и јуни минатата година врз 1.097 испитаници на територијата на Македонија, со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности и да ги спореди со резултатите од ваквата анкета од октомври 2014 година.

Повеќе од половина од испитаниците, 54 проценти, изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги во последните три месеци сметани од моментот на анкетирање.

За услуги за одржување на домот фискална сметка била издадена на 17 проценти од испитаниците, за поправки на дом 21 процент, за изнајмување имот 30 проценти, а за занаетчиски услуги 36 проценти.

Осумдесет и пет проценти од испитаниците, пак, добиле фискални сметки за професионалните услуги, како што се сметководство, психолог, дизајн, како и за транспортни услуги (75 проценти).

Поголемиот степен на даночна дисциплина кај професионалните и транспортните услуги се должи на поголемиот степен на законска регулираност на тие економски гранки и построга и посеопфатна контрола од страна на одговорните институции (УЈП, Финансиска полиција, инспекторати..).

Според анкетатата, неиздавањето фискали сметки за извршени услуги е поголем и похроничен проблем од издавањето фискални сметки за стоки и разни добра.

Кога се работи за даночна евазија поврзана со издавањето фискални сметки за разни стоки и добра има со издавањето фискални сметки за разни стоки и добра има непроменета ситуација и во 2014 и 2016 година.

Околу 13 проценти од испитаниците во минатиот месец немаат добиено фискална сметка за козметички производи, околу 17 проценти за облека и обувки и околу 11 проценти за храна и разни намирници.

Даночната дисциплина бележи двојно влошување во категоријата „алкохол и тутун“ каде што дури на 20 проценти од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец споредено со 12 проценто од испитаниците во 2014 година.

Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци, а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса.