На Евија изгоре површина од речиси 50.000 хектари

Речиси 50.000 хектари е изгорената површина од пожарот на островот Евија, според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, кои во соработка со групата „UpStories“ кои со дронови снимаат низ Грција, објавија видео на кое се гледа големината на катастрофата предизвикана од огнената стихија, јави дописничката на МИА од Атина.

Видеото е снимено со дрон во текот на вчерашниот ден во северниот дел на Евија.

Во пожарот, што сè уште не е ставен под контрола, илјадници објекти претрпеа материјална штета, а многу од нив се целосно уништени.

Како што пишува порталот „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина, согласно процените на Европскиот систем за информации за шумски пожари, на Евија околу 38 отсто од опожарените површини се шумски површини, а 24 проценти се други природни области.