На жртвите на мултимилионерот Епстајн исплатени 121 милион долари

Фондот за отштета на жртвите на сексуалното злоставување на њујоршкиот банкар, мултимилионерот Џефри Епстајн, соопшти денеска дека ја завршил работата исплатувајќи отштета за 150 лица во вредност од 121 милион американски долари.

Соопштението на Фондот, којшто се финансираше од имотот на Епстајн, стигнува две години по неговото самоубиство во затворот во Њујорк, додека чекаше да почне судењето по обвинението за сексуално злоставување.

Независниот раководител на Фондот изјави за Би-Би-Си дека примил двојно повеќе барања за отштета отколку што се очекувало.

Неколку жртви ја одбиле понудата, што им отвара пат за приватни тужби, истакнува британскиот јавен сервис.

После смртта на банкарот, извршителите над неговиот имот основаа 600 милион долари вреден Фонд и ги повикаа жртвите да им се јават. Од 225 лица е утврдено дека 150 од нив имаат легитимни барања.

Фондот беше отворен и за жртвите кои претходно добија отштета, откако Епстајн во 2008 година беше осуден за подведување на малолетници.

Поранешната девојка на Епстајн, Гизлејн Максвел, за која судењето ќе почне во ноември годинава, се изјасни дека не е виновна за обвинението што е поднесено чпротив неа за соучесништво во злосторствата.