Жарко Луковски повеќе не е главен оперативен директор во Македонски Телеком. Времено, прв човек на компанијата ќе биде досегашниот заменик-претседател на Одборот на директори, Назим Буши.
Луковски си заминува поради завршување на неговиот менаџерски договор, информираат од телеком.
Тој беше на највисоки раководни позиции во компанијата од 2006 година. Во 2010 година назначен е за главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија, а во 2015 за главен оперативен директор на Македонски Телеком.
Под негово раководство беа реализирани проекти кои целосно ја сменија телекомуникациската индустрија во Македонија, особено во областа на развојот на мобилната технологија, како што е воведувањето на 3Г и 4Г мрежата за прв пат на пазарот.
Луковски работеше на развој на ИКТ бизнисот како што е проектот „паметен град“ и се залагаше за иновативни решенија како што е мобилното плаќање и воведуваше иновации во начинот на работа на компанијата, велат оттаму и додаваат дека Лукоски одиграл важна улога во спојувањето на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија.






