НА МЕТА НА ОПТИМИСТИ: Акциите на „Епл“ скокнаа „до таван“, повеќе од предвиденото

LinkSense.mk

Настаните на финансиските пазари повторно се многу живи, и тоа не само затоа што се ближат јунските седници на Американската централна банка (13-14 јуни) и на Европската (15 јуни).

Во понеделникот, „Епл“ (Apple) го претстави својот прв уред за виртуелна реалност, „Вижн про“ (Vision Pro), кој го носи човекот во виртуелниот свет од соништата.

Со уредот кој првпат по девет години влегува во категоријата на нов производ, „Епл“ се натпреварува со „Мета“, која развива свој метаверзум.

Цената на „Вижн Про“ изнесува огромни 3.499 долари, што е значително повеќе од конкуренцијата. Дури и пред Тим Кук да го претстави „Вижн Про“, акциите достигнаа рекордно високо ниво, за првпат по 17 месеци, но паднаа после настанот и „Епл“ го заврши тргувањето во понеделникот со пад од 0,76 отсто, а во вторникот за уште 0,24 отсто, нешто под 180 долари.

Но, затоа акциите на „Јунити“ (Unity) скокнаа за 17 отсто откако „Епл“ објави партнерство со производителот на софтвери.

Во Морган Станли ја подигнаа вредноста на акциите на „Епл“ на 190 долари, иако тие моментално се тргуваат на повеќе од 28 пати поголема заработка од очекуваната заработка по акција, што е многу над просечната во секторот (12,8).

Но, оваа година (по минатогодишните стрмоглави падови) очигледно се е во знакот на акциите на големите технолошки компании, посебно оние зад кои стојат новите технологии, особено вештачката интелигенција.

Рекордни 8,5 милијарди долари минатата недела се слеаја во технолошки капитални фондови, според податоците на Банката на Америка.

Петте најголеми акции во рамките на СиП 500 (S&P 500) сега сочинуваат речиси 25% од вкупниот индекс, што е рекорд во повеќе од 50 години.

Исто така, важно е да се истакне дека СиП 500 моментално е на 10-месечен максимум и дека веќе се врати за 20 проценти од својот пад, што значи дека влегува во „биковски тренд“, иако нема многу од оние кои овогодишниот раст сè уште го означуваат како раст во рамки на „мечкин тренд“.

Дека светската економија се уште се соочува со големи предизвици, можеби е очигледно од берзите на нафтените пазари.

Навистина, цената на нафтата значително порасна во понеделникот, откако најголемиот извозник, Саудиска Арабија, најави дека од јули доброволно ќе го намали производството за еден милион барели дневно (од 10 на 9 милиони), што е дел од широкиот консензус меѓу членките на картелот ОПЕК +, кој со пониски квоти за екстракција се спротивставува на пониските цени, заради се поверојатната рецесија. ОПЕК + ќе го намали производството за речиси 3,7 милиони барели, што претставува 3,6 отсто од глобалната побарувачка на нафта.

Но, во вторникот нафтата повторно значително поевтини.

Ако во понеделникот требаше да платите скоро 79 долари за „Брент“, во вторникот навечер цената беше само 76 долари.

Повторно во прв план се стравувањата од ново зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД, а со тоа и поголема веројатност за рецесија.

Расположението дополнително го влоши веста дека индустриските нарачки во Германија во април паднаа за 0,4 отсто, додека аналитичарите очекуваа благ пораст.