На плоштадот Тиананмен: Одбележана стогодишнината од Комунистичката партија на Кина

„Кинескиот народ никогаш нема да дозволи странски сили да го угнетуваат или злоставуваат“ , рече претседателот Џи Јинпинг по повод прославата на стогодишнината на кинеската Комунистичка партија на плоштадот Тиананмен, поздравувајќи го „новиот свет“ кој го создал неговиот народ.

„Секој којшто ќе се реши да се обиде да го стори тоа, крваво ќе удри со глава во челичен ѕид кој е искован од 1,4 милијарди Кинези“, рече Јинпинг, предизвикувајќи силен аплауз од публиката собрана на најголемиот пекиншки плоштад.

Во едночасовното обраќање Џи се обврза дека ќе изгради модерна кинеска војска, дека е посветен на „повторно обединување“ со Тајван и истакна дека во Хонг Конг ќе биде осигурана стабилност, истовремено штитејќи ги безбедноста и суверенитетот на Кина.

„Кинескиот народ не е добар само во уништувањето на стариот свет, туку направи и нов свет“, рече Џи, најмоќниот кинески водач после Мао Цетунг, основачот на Народната Република.

„Само социјализмот може да ја спаси Кина“, посочи кинескиот претседател.

Џи Јинпинг и партијата се успешни, а Кина брзо заздравува од избувнувањето на ковид-19 и завзема се поодлучен став на глобалната сцена.

Но, Пекинг се соочува со надворешна критика заради сузбивање на отпорот во Хонг Конг и постапувањето со етничките малцинства во Џинјианг, дополнително и со влошените демографски изгледи кои го попречуваат долгорочниот општествен раст.

„Кина, чија брза воена модернизација ја поттикна загриженоста меѓу соседите и на Запад, ќе изгради вооружени сили за да го заштити својот суверенитет, сигурноста и развојот, подигнувајќи ги кон стандардите на светска класа“, рече Џи.

Решавањето на тајванското прашање и сфаќањето за потполно „повторно соединување на Кина“, според кинескиот претседател е „непоколеблива историска задача“.

Прославата вчера почна со надлетување на борбени авиони и хелихоптери кои го следеа националните функционери, сместени на јужниот бедем од Забранетиот град, а потоа хор од 3.000 луѓе отпеа седум социјалистички песни.

Џи својот говор го заврши со два громогласни извици: „Да живее КПК која е сјајна, славна и исправна“ и „Да живеат сите луѓе во Кина кои се сјајни, славни и храбри“.

(Фото: АФП)