На повидок трговска војна меѓу ЕУ и Британија

LinkSense.mk

Сметката за несогласувања околу трговските аранжмани после Брегзит би можеле да ја платат компаниите и домаќинствата, па се поставува прашањето дали ЕУ и Обединетото Кралство се осмелуваат да се вклучат во трговска војна, јавуваат британските медиуми.

Претставниците на Европската унија постојано предупредуваат на „сериозни“ последици доколку Британија отфрли дел од северноирскиот протокол.

Во ноември, ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени предупреди дека целиот Договор за трговија и соработка (TCA), кој постои за да се обезбеди трговија без царини и без квоти меѓу ЕУ и Велика Британија, зависи од тоа колку Обединетото Кралство го почитува Протоколот.

Но, во последно време, бидејќи војната во Украина ги зголеми трошоците за живот, Ковени со посмирувачки тон вели дека ЕУ сака прво да побара решенија, пишува Би-Би-Си. Во исто време, сепак, Ковени предупредува дека секоја еднострана акција на Обединетото Кралство може да предизвика „многу тешко лето“, пренесува Би-Би-Си.

Постои ризик дека Унијата би можела дел или целиот Договор еднострано да го укине, иако не толку брзо, што би ѝ овозможило царинење на британските стоки. Во повеќето случаи, таквиот чекор бара известување една година однапред и интервентна арбитражна постапка.

ЕУ може да преземе и други чекори, пример при влегувањето на британските рибарски бродови во водите на ЕУ.

Економистите предупредуваат дека ЕУ може, како и во трговските спорови со САД, да цели и на политички чувствителните производи за зголемување на царините за да го зголеми нивното влијание, на пример, кај увозот на лосос од Шкотска. Минатата година вредноста на овој извоз во ЕУ изнесуваше 372 милиони фунти, а од тоа зависат илјадници работни места.

ЕУ, исто така, би можела да се фокусира на индустриите лоцирани во делови од североисточниот дел на Англија и Мидлендс, кои на последните избори се свртеа од лабуристи во конзервативци. Некои од тие области во голема мера се потпираат на извозот од ЕУ.

Доколку сите стоки произведени во Британија имаа исти царински стапки како што доаѓаат од други земји кои не се членки на ЕУ, земјоделските производи би можеле да бидат погодени со данок од 10 отсто, а млечните производи до 35 отсто кога се продаваат во Унијата.

Сите царини наметнати на британските стоки би значеле повисоки сметки за европските купувачи и тие не би му биле благодарни на Брисел, пишува Би-Би-Си.

Затоа, како и барањето дека секој одговор да биде „пропорционален“, повеќето економисти предупредуваат дека таквата акција мора да биде селективна.

ЕУ може да ја зголеми бирократијата и да го отежне животот на компаниите кои се обидуваат да продаваат на нејзиниот пазар. Во моментов, три четвртини од извозниците од британскиот североисток проценуваат дека формалностите после Брегзит ја прават продажбата во ЕУ попредизвикувачка. Ова го покажуваат податоците на Стопанската комора, како и дека извозот во однос на 2019 година паднал за повеќе од десет отсто.

Британија теоретски би можела да одговори со воведување сопствени царини. Таквата давачка на европските производители дополнително ќе им го отежне натпреварувањето во Обединетото Кралство, веќе се виде дека нивната продажба паѓа по Брегзит.

Но, таа опција, која Британија досега ја избегнуваше, може да значи повисоки трошоци за автомобилите од европско производство и повисоки цени за основните прехранбени производи во време кога британските домаќинства веќе се на колена под притисокот на зголемените сметки.

Речиси пет години по референдумот, дебатата за тоа како треба да функционира Брегзит е далеку од завршена, заклучува Би-Би-Си.