На пратениците им заврши одморот, од понеделник пак се на работа

Пратениците во понеделник се враќаат на работа во Собранието на Македонија, речиси на месец и половина пред локалните избори.

Во понеделник, според најавите од координаторите на пратеничките групи, се очекува тие да имаат средба на претседателот на Собранието Талат Џафери и потпретседателите по што ќе се знае како ќе тече работната недела на пратениците. Имајќи ги предвид изборите, дел од пратениците, веруваат дека активностите ќе бидат намалени и оти дискусиите следниот месец ќе бидат во контекст на локалните избори.

Првата недела од следната парламентарна сесија најверојатно ќе мине во знакот на комисиските расправи. По координацијата ќе се знае кога и дали би било свикано продолжение на некоја од собраниските седници.

На собраниската веб страна како незавршени стојат осум седници од 2021 година, од кои пет биле закажани од мај до јули.

Нова седница се најавува за средината на септември.

Сега, официјално, на собранискиот сајт само на 1 септември (среда) има закажано три седници на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, како и седница на Комисијата за економски систем.

 

 

 

(Фото: МИА)