НА РАПОРТ КАЈ ПЕНДАРОВСКИ: Свикан Советот за безбедност

LinkSense.mk

Македонскиот претседател Стево Пендаровски го свика националниот Совет за безбедност. Денеска попладне во претседателскиот кабинет ќе се разговара за безбедносната состојба во државата и евро-атлантскиот регион.

На состанокот, покрај членовите на Советот, ќе бидат присутни и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Денешниов состанок следува по новите „отровни стрели“ на официјална Софија кон Македонија.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, вчера по средбата со Бујар Османи во Софија и низната заедничка посета на 22-годишниот Христијан Пендиков кој беше претепан во Охрид, наводно, заради неговата национална определба дека е Бугарин, испрати навреди кон Македонија дека во земјата се враќаат црните традиции на палење, стрелање и насилство врз луѓето.

Османи не кажа ништо за ваквите обвинувања. Рече само дека Македонија нема да толерира насилство на што бугарските новинари му забележаа дека тоа се само празни зборови.

Порача дека провокациите мора да прекинат и од другата страна за негирање на македонскиот народ, алудирајќи на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој, пред неколку дена, среде Скопје скандираше „Македонија е бугарска“.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: „Слободен печат“)