На Трамп му се заканува затвор

Државниот обвинител на сојузната американска држава Њујорк отвори кривична истрага против „Трамп Организација“, компанија која ја водеше Доналд Трамп пред тој да влезе во политиката, што би можела да резултира со затворска казна за поранешниот американски претседател.

„Ја информиравме ‘Трамп Организација’ дека нашата истрага повеќе не е од граѓанска природа (парница со државата)“, рече Фабијан Леви, претставникот за медиуми на обвинителката Летиција Џејмс.

Леви, патем, додал дека истрагата сега е кривична и е продолжена истрага, која ја води обвинител на Менхетн, и дека засега нема да изнесува повеќе детали од тоа, пишува „Хафингтон пост“.

Истрагата е отворена во 2019 година и се занимавала со работењето на Трамп пред неговото влегување во Белата куќа. Подигната е после изјавата на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, кој рече дека Трамп „ги надувал“ извештаите за својата имотна состојба за да обезбеди што поголеми заеми од банките отколку што реално би можел да добие, додека во исто време во даночните пријави го обезвреднувал своето богатство за да плаќа помалку.

Токму тоа е сега предмет на истрага.

Обвинителот од областа Менхетн, Сај Ванс Помладиот, покрена сопствена истрага за работењето на Доналд Трамп и неговите соработници за да утврди дали компанијата правела финансиски прекршоци, а целта му биле недвижностите што ги поседувал поранешниот претседател, како што се Кулата „Трамп“, хотелите „Трамп“ и неговиот огромен имот северно од градот Њујорк.

Трамп ги отфрли овие обвинувања порачувајќи дека се работи за политичка освета која ја спроведуваат обвинители поставени од Демократите.

Нему од јануари оваа година во голема мера му е оневозможено обраќање на јавноста, откако му се суспендирани сите профили на социјалните мрежи заради упадот на неговите приврзаници во зградата на Конгресот и Сенатот на САД.

 

 

(Фото: АП)