Нема избори без законите за ЈО и за одбрана и протоколот за НАТО

Доколку ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Движење БЕСА, ДОМ, ЛДП, партиите на Србите, Ромите, Турците сакаат да нема одлагање на изборите треба да се донесе законот за јавно обвинителство, оти така било договорено со сите партии.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера рече дека законот за јавното обвинителство, Протоколот за НАТО и законот за одбраната, се дел од
агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на 12 февруари.

„Ако некој го прекрши тоа, дотогаш распуштањето на Парламентот и
распишувањето на изборите нема да се случи“, рече Заев.

Премиерот Оливер Спасовски вчера во интервју за национална телевизија рече дека не верува во одложување на изборите, но и доколку се одложат, според него, тие некогаш ќе се одржат, дали тоа ќе биде после месец или два.

„Европските перспективи мора да дојдат час поскоро. Сега кога ќе ги погледнете тие два интереси навистина е поважно интересот на државата и напредокот на државата“, потенцира Спасовски.

Вчера беа одржани повеќе билатерални средби со претставниците на
пратеничките групи на кои се разгледуваа нивните амандмани за законот за ЈО.

Од Министерството за правда информираат дека целта на тие средби е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство.

По последната средба на работната група во петокот, некои пратенички
групи викендов доставиле амандмани за законот за јавно обвинителство, а некои замолиле за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаа со Жан Моне дијалогот.

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство, вели лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

„Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за
јавното обвинителство“, наведува Мицкоски во пишана изјава.

Мицкоски вели да не се креира законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието.

Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во неделата порача дека не отстапуваат од барањата за законот за ЈО, откако во петокот го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да направат амандмани на предлог-законот.

Министерката за правда, Рената Дескоска, истиот ден му порача на
ВМРО-ДПМНЕ дека ако мислат оти има потреба од измени на текстот на
законот, да се посветат на подготовка на амандмани.

Само така, вели, ќе покажат дека се подготвени да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвинетите и осомничените криминалци од нивните редови.

Останува отворено прашањето дали партиите ќе успеат да ги усогласат
ставовите за да може Парламентот да го донесе законот до распуштањето на Собранието.

Според претседателот на Парламентот Талат Џафери, има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.

На неопходноста од донесување на законот за ЈО изминатите денови укажуваа и внатрешните политички фактори, но и меѓународната заедница.