Нема повредени во пожарот во зградата на СЕП и МИА, изгорени канцеларии од првиот кат (ДПЛ)

Пожарот кој утринава избувна во просториите на поранешна Комерцијална банка е локализиран.

Нема повредени, а според првичните проценки оштетени се шест простории на првиот кат каде е сместен Инспекторатот за животна средина, а опожарен е и надворешниот дел на вториот кат.

Во зградата се сместени и Секретаријатот за европски прашања и Медиумската информативна агенција.

Пожарот е локализиран во 08:50 часот, а во гасењето интервенирале 24
пожарникари со девет пожарникарни возила.

При интервенцијата, само еден пожарникар се пожалил на задушување по што му била дадена прва помош од екипа на Брзата помош.

Пожарникарот е во стабилна состојба.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека интервенцијата била сложена затоа што внатре просториите биле преградени со гипс картони и стаклени врати, а не работел ниту еден хидрант.

„Пожарот е пријавен во 06:50 часот. Дојавен е како пожар во Секретаријатот за европски прашања од страна на чуварот. Пристигнати се екипи во пет минути до седум и со самото пристигување на првите две возила, побарани се уште дополнителни две возила, но на самата интервенција имавме девет возила и 24 пожарникари. Станува збор за сложена интервенција затоа што се работи за стара поранешна Комерцијална банка, која внатре е преградена со ходници, гипс картони и стаклени врати. Не работи ниту еден хидрант. Тоа ни претставуваше дополнителен проблем бидејки не можевме да интервенираме од внатрешна страна и моравме да интервенираме однадвор“, изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Во моментот на пожарот, немало никој во Инпекторатот за животна средина, а пожарникарите успеале полесно да се снајдат во внатрешноста на зградата благодарение на шемата која ја добиле од Медиумската информативна агенција.

„Немаше ниту еден од вработените во Инспекторатот внатре. Точно не знаевме како да пристапиме се додека не дојдоа од МИА кои ни дадоа шема како се влегува и од предната и од задната страна. Така побрзо го
лоциравме пожарот и вендаш го локализиравме“, истакна Симоновски.

Причина за пожарот, според првичните проценки на Симоновски, е електрична инсталација.