Нетанјаху му порача на Иран: „Немојте да ни се заканувате, ние сме тигар, а не зајак“!

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху ги предупреди вчера лидерите на Иран да не им се заканува на Израелците.

„Немојте да ни се заканувате, ние не сме зајак, ние сме тигар. Ако ни се заканувате ќе се доведете во опасност“, рече Нетанјаху при посетата на Казахстан, кога претседателот на таа земја Нурсултан Назарбаев го праша дали сака да му испрати порака на иранскиот претседател Хасан Рухани кој му доаѓа во посета следната недела.

Нетанјаху најави измена на политиката на Израел, ако Иран ја измени својата политика и односот кон еврејската држава.

benjamin-kazakhstan

На прашањето на својот домаќин дали вистински верува дека Иран го мисли она што тој го вели, односно дека сака да го уништи Израел, тој одговори потврдно.

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи изјави претходно дека Израел нема да постои за 25 години, тврдејќи дека „ослободувањето на Палестина“ останува прашање број еден со кое е соочен муслиманскиот свет, и покрај многубројните судири кои моментно го дестабилизираат Блискиот Исток.

Тој го рече тоа на состанокот со водачот на палестинската екстремистичка организација Исламски џихад во Техеран.

Лидерот на Исламскиот џихад, Рамадан Абдулах Салах (лево) и  иранскиот врховен лидер, Ајатолахот Али Хамнеи (десно)
Лидерот на Исламскиот џихад, Рамадан Абдулах Салах (лево) и иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи (десно)

„И покрај тоа што е зафатена со одредени регионални прашања, Исламската Република секогаш директно објавува дека Палестина е прашање број еден во муслиманскиот свет и исполнила обврски во однос на тоа“, му рече Хамнеи на лидерот на Исламскиот џихад Рамадан Абдулах Салах.

Хамнеи, исто така, оцени дека „единствен начин за да се ослободи светиот град Ал-Кудс (Ерусалим) се борба и отпор“, додека „другите решенија се бескорисни и попусти“.

Тој тоа го кажа еден ден откако иранскиот претседател Рухани изјави дека единствена опција која им остана на Палестинците во настојувањето да основаат независна држава е „џихад“.