Нето-добивката на „Алкалоид“ за шест години речиси двојно поголема, реизбрани членовите на Управниот одбор

LinkSense.mk

За шест години „Алкалоид“ АД Скопје речиси двојно ги зголеми вкупните консолидирани продажби на компанијата, за околу 80 милиони евра, од 127,6 милиони евра во 2015 година достигнаа 207,6 милиони евра во 2021 година.

Инвестициите во основни средства во истиот период надминаа 105 милиони евра. Нето-добивката порасна речиси двојно – од 10,8 милиони евра во 2015 година, во 2021 година достигна 21,2 милиони евра. Остварениот просечен годишен раст е 12%.

Горенаведените резултати овозможија континуиран раст на повратот на инвестицијата за акционерите, во форма на дивиденда. Во периодот од 2015 до 2021 година дивидендата имаше просечен пораст од 12% годишно, од 207 денари нето-дивиденда од акција во 2015 година, стаса на 396 денари во 2021 година.

Поради истекот на мандатот на членовите на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје, Надзорниот одбор на компанијата донесе одлука за избор на членови на Управниот одбор.

За членови на Управниот одбор, извршен орган кој ги има клучните овластувања во управувањето со „Алкалоид“, за период од шест (6) години, сметано од 21.11.2022 година, повторно се избрани: Живко Мукаетов, Милкица Глигорова, Ѓорѓи Јованов, Ќире Ицев и Виктор Стојчевски.

Членот на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, е именуван за претседател на Управниот одбор.

Претседателот на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје го застапува Друштвото во односите со трети лица, без ограничување, и носи назив Генерален директор.