Во Клиниката за гинекологија инспектори од Министерството за здравство констатирале дека општата санитарно-хигиенска состојба не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектира прописно.
Нехигиена и неправилно селектирање на медицинскиот отпад утврдиле синоќа здравствените инспектори во неколку од клиниките во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Министерството за здравство, веќе презема мерки за отстранување на состојбите.
Во Ургентниот центар, на Ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, додека пак во Трауматологија општата хигиенско-санитарна состојба не е на задоволително ниво.
Вонредниот инспекциски надзор во Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, Трауматологија, Ортопедија и Институт за белодробни заболувања и туберкулоза е извршен по налог на министерот Арбен Таравари.
Инспекторите при посетата извршиле контрола на одржување на општите санитарно-хигиенски и санитарно-технички услови во објектите; почитување на работното време, континуирана покриеност на приемните амбуланти за итни случаи и почитување на Законот за заштита од пушење.
За време на инспекцијата биле контактирани и пациенти кои случајно биле затекнати, а биле прашани и за професионалниот однос на здравствените работници кон нив.







