Не беше предодредена за престолот, но големиот скандал од 1936 година и раната смрт на татко и го забрзаа нејзиното искачување на тронот

LinkSense.mk

Британската кралица Елизабета Втора почина пред десет дена, на 96-годишна возраст.Иако беше најдолговечната меѓу крунисаните европски владетели и една од најпознатите жени во светот, некако остана енигма.

Нејзиното 70-годишно владеење беше обележано со силно чувство за должност и непоколеблив стоицизам.

Таа беше сведок на Втората светска војна и распадот на Британската империја, а за време на нејзиното владеење во Британија се сменија 15 премиери.

Сето ова време во својата земја беше олицетворение на стабилноста.

На последната фотографија на кралицата направена на 6 септември во нејзината шкотска резиденција Балморал, таа позира во сив елек и здолниште од тартан.

Кралицата тогаш го прими Борис Џонсон, кој дојде да поднесе оставка како премиер и ја назначи Лиз Трус за премиерка.

На фотографијата кралицата беше насмеана, но делуваше и многу кревко. Почина два дена подоцна.

Од поранешните британски колонии до Русија и Кина, каде што кралицата беше во посета, Елизабета Втора патуваше низ светот и низ историјата полна со превирања, секогаш облечена во облека со светли бои, со соодветна капа и чанта.

Тоа и овозможувало да биде забележлива и покрај нејзината висина од само 1,63 м.

Во моментот на нејзината смрт, таа беше на чело на 15 земји.

Кога пред крајот на своето владеење престана да патува во странство, во својата земја неуморно продолжи да ги извршува церемонијалните должности, дури и во деновите по смртта на нејзиниот сопруг Филип во април 2021 година.

Емоции притоа ги откриваше многу ретко, а своето мислење никогаш.

 

Случајна кралица

Кралицата Елизабета е родена во Лондон, на 21 април, како Елизабет Александра Мери. Малата русокоса принцеза со ангелско лице, од милост наречена Лилибет, не била предодредена за тронот.

Но, на крајот на 1936 година, нејзиниот вујко, кралот Едуард VIII, абдицирал за да може да се ожени со Американката Волис Симпсон, обична жена која веќе имала два разводи зад себе. Со тоа крал станал таткото на Елизабета, срамежливиот Џорџ Шести.

Тоа за Елизабета беше крајот на безгрижноста. Девојчето се пресели во Бакингемската палата, каде што сè е предмет на строги правила.

Таа и нејзината сестра Маргарет се школуваат дома. Посебен фокус имаа на историјата и уставното право кои ги усвојуваат по забрзана програма. Елизабета учи и француски јазик, кој подоцна течно ќе го зборува.

Пред крајот на Втората светска војна, на 19-годишна возраст, се приклучила на резервната војска како возач.

Кога имала 21 година се омажила за згодниот офицер Филип Маунтбатен, син на грчки принц. Свадбата, во повоена Британија сè уште обележана со сиромаштија, била како од бајките.

Татко и умира на 6 февруари 1952 година, релативно млад. Дека станала кралица дознала на патување во Кенија. Од тој момент нејзиниот живот оди во сосема нов правец.

Веднаш се вратила во Обединетото Кралство, каде што била крунисана на 2 јуни 1953 година. Така, таа станала четириесеттиот суверен од Вилијам Освојувачот, кој бил крунисан за крал на Англија во 1066 година.

 

Неуморна владетелка

Елизабета Втора. на само 25 години дојде на чело на Обединетото Кралство, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Африка, Пакистан и Цејлон (денешна Шри Ланка), ветувајќи им на жителите на тие земји дека за време на нејзиниот животот ќе ја оправда нивната доверба.

Ја опишуваа како неуморна. И на 90-годишна возраст исполнувала стотици обврски: разни инаугурации, приеми во Бакингем, доделувања на одликувања и награди, покажувајќи секогаш пристоен интерес.

Но, од октомври 2021 година, таа значително ги намали своите активности после се поголемите здравствени проблеми.

Кон своите деца – Чарлс (1948), Ана (1950), Ендру (1960) и Едвард (1964), беше дистанцирана, барем во јавноста.

Беше многу религиозна и, и покрај нејзиното огромно богатство, штедлива.

А, за нејзиното семејство, кое често беше мета на медиумски критики, беше извор на стабилност.

Се соочи со бројни семејни кризи.

Една од најтешките се случи во 1992 година. Таа година ја нарече страшна. Нејзините деца Чарлс, Ана и Ендру минуваа низ брачни кризи, а замокот Виндзор настрада во пожар.

Но, и самото однесување на кралицата беше знаеше да биде причина за негодување во јавноста, како на пример кога, по смртта на принцезата Дијана во 1997 година, таа покажа, се чинеше, крајна рамнодушност.

Додека целата земја тагуваше, кралицата цврсто молчеше во нејзиниот замок во Балморал.

 

Семејни кризи

Ова недоразбирање меѓу јавноста и кралицата, за која Дијана после разводот со Чарлс едноставно повеќе не беше член на кралското семејство, доведе до една од најголемите кризи во монархијата.

Но, во врска со тоа, кралицата сепак се согласи да направи некои отстапки, па така одржа телевизиски говор во спомен на Дијана, принцезата од Велс, а подоцна го прифати бракот на Чарлс со Камила, иако таа не присуствуваше на самата церемонија.

Една од најголемите кризи со кои кралицата мораше да се соочи беше во 2019 година кога принцот Ендру, кој често го сметаа за нејзин миленик, го посрамоти кралското семејство поради неговото поранешно пријателство со американскиот банкар Џефри Епстајн, кој е осомничен за сексуално искористување на малолетнички.

Ендрју тогаш беше присилен да се повлече од јавниот живот, а благодарение на спогодбата избегнал судење за соучесништво во сексуално насилство.

Елизабета Втора многу повеќе покажувала наклонетост кон нејзините внуци, кои ги имаше осум, вклучувајќи ги и синовите на Чарлс и Дијана, Вилијам и Хари.

Но, Хари во 2020 година се одалечи од кралското семејство, се пресели во Калифорнија и ја обвини „Компанијата“, што е прекар на кралското семејство, за недоволна поддршка за неговата американска сопруга Меган.

Една година подоцна, почина сопругот на кралицата, принцот Филип, кој и беше голема потпора. Тоа беше уште едно големо искушение за кралицата, која со месеци беше изолирана во замокот Виндзор среде пандемијата на корона вирус.

 

Во октомври истата година, Елизабета Втора беше хоспитализирана на една ноќ, по што лекарите и препорачале да забави. Тогаш 95-годишна кралица го послушала нивниот совет и се согласила да го проретчи својот распоред. Со своите должности продолжи на почетокот на 2022 година, но на 20 февруари се разболе од Ковид-19.

Закрепна, а на почетокот на јуни Британците четири дена славеа 70 години од нејзиното владеење. Но, таа речиси и да не присуствуваше на прославата на својот платинест јубилеј – се појави само двапати, накратко, на балконот на Бакингемската палата за да ги поздрави десетиците илјади луѓе.

 

Познато лице

Сите овие години кралицата своето мислење го задржуваше за себе. Никогаш не дала интервју. Никој не знае, на пример, каков беше нејзиниот став за Брегзит.

На неделните аудиенции со шефот на владата, кралицата ја почитуваше строгата политичка неутралност, како што и се очекуваше дека треба.

Нејзиното Височество владееше, но не управуваше.

Единствената страст која кралицата јавно ја покажа беше онаа кон коњите и кучињата, особено нејзините сакани корги. Како девојка, дури и во постаро доба, сè уште јаваше, без кацига, но со марама што и ја штитеше косата.

Сликата на Елизабета е сеприсутна во Обединетото Кралство, од монети со нејзиниот профил до мали фигури на кралицата што мавта.

Не може да се каже дека немала смисла за хумор. Знаела да си поигра со нејзината улога, како на пример учество во спот со Џејмс Бонд, кој го играл Даниел Крег, по повод Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година. Или за време на Јубилејот кога било снимено видео кое ја прикажува како пие чај со мечето Педингтон.

За многу Британци, таа беше личност која ја познаваа цел свој живот и ја доживуваа како некој свој, како позната и смирувачка фигура.

Кон крајот од нејзиното владеење Елизабета Втора сè уште беше на врвот на анкетите за популарноста на кралското семејство, многу пред нејзиниот наследник, сега Чарлс III.

 

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)