Во поголемиот дел од Србија врне снег, што е многу невообичаено за почетокот на април, а во главниот град Белград наврнаа околу 20 сантиметри снег.
Најстудено беше на Копаоник -6°С.
Метеоролозите издадоа предупредување за 3 и 4 април дека на подрачјето на Белград ќе врне снег. На планините, пред се на Златибор и на Копаоник, има вистинска снежна бура.
Снегот непрекинато паѓа од синоќа и се очекува да престане во текот на денешниот или утрешниот ден.
Подобрување на временските прилики се очекува дури во среда или четврток.
На подрачјето на западна и југозападна Србија и во Шумадија на сила е црвен метеоаларм.
Многу корисници на Твитер во Србија објавија фотографии од снежната покривка, најмногу коментирајќи го фактот дека паднал снег во април, две недели по првиот пролетен ден.
„Снег кога не е вистинско време“, „Падна Мило, падна снег“, „Сакам снег, ама не во април“, „Ваков снег не падна цела зима“, само се некои од коментарите.
Снег падна и во главниот град на Босна и Херцеговина.
Сараево се разбуди под снежна покривка, со утринска температура од околу -3 Целзиусови.
Во Херцеговина и во југозападниот дел од Босна дува умерена до силна бура, а во останатиот дел од земјата има слаб до умерен северен и северозападен ветер.
Утринската температура на воздухот е од -4 до 3, на југ до 8, а дневната од 0 до 6, на југ до 12.







