Не чиј е, туку кој е Ковачевски?

LinkSense.mk

Како што излеана река после поплава се враќа во својот вообичаен, средишен тек, така и СДСМ со кадровското реструктуирање на новиот претседател Димитар Ковачевски како да се враќа во подзаборавениот, некогашен партиски мејнстрим.

Со тоа и формално завршува „ерата на Заев“ во оваа партија којашто се карактеризираше со силниот личен печат што тој го остави врз функционирањето на социјалдемократите, а и државата, воопшто. После херојскиот подем од годините во опозиција и, по живот, ризичната фаза во освојувањето на власта од цврстата, автократска „прегратка“ на Груевски и неговиот режим, следуваа неколку години на компликувани меѓупартиски премрежија во собраниските „математики“ за постигнување непријатни компромиси по низа важни прашања, што доведе до историски пробив на Македонија и на самиот Заев во меѓународната политика.

За тоа на Заев му беше неопходна партиска екипа којашто, во најголемиот дел, лично ја одбра, прилично подновена од она што го наследи од Црвенковски: се вклучија повеќе луѓе од македонската политичка провинција (се разбира, бројни струмичани), повеќе претставници на немнозинските етнички групи (што, како епохален историски преседан, привлече и голем број нивни, особено албански поддржувачи на партискиот тикет), но и многу помлад и партиско-политички неискусен кадар, со голем бизнис-менаџмент ентузијазам. Тоа, велат упатените, ја сведе вредносната, идеолошка дебата во партијата на минимум, а харизмата и енергијата на лидерот – и неговите брзи „телефонски“ прсти – ги засенуваше повеќето сомневања дали баш сите политики се добро смислени и паметно спроведени. Шекеринска – и самата „икона“ во дел од партиската структура на СДСМ – слушнавме, имала сериозни проблеми со таквиот пристап, иако никогаш до ниво на отворен конфликт со Заев.

Паралелно, расклатено и по малку „пијано“, општеството демократски се консолидираше по неколку важни прашања, какви што се слободата на јавното изразување и меѓуетничките односи: денеска „мрчи“ кој колку и каде сака, а концептот за „Едно општество за сите“, иако практично недоквакан, стана општопартиска македонска мода како што своевремено ѕвонарките (со низок струк – бљак!) наеднаш ги преплавија светските бутици. Издашно ветуваната „правда“ заглави во непресушеното македонско правосудно и општествено реформско мочуриште, во кое корупцијата брзо сфати дека нема приоритетно да биде поразена.

Во тој напорен повеќегодишен политички маратон, со невообичаено бројни и исцрпувачко интензивни подеми и падови, Заев не го послужи и малку повеќе среќа: двегодишната пандемија ги скрати „крилјата“ на она што можеше да биде солидно економско и општествено опоравување, а Бугарија и Европската Унија се погрижија да му го зададат последниот, „мортален“ удар во неговата политичка кариера. Со доследната поддршка од неизбежната ДУИ како „нужно зло“ на секоја македонска владејачка софра.

Па, како што, потценет, Заев се појави „од никаде“ кога најмногу ѝ требаше на самата СДСМ, така нагло, можеби и преценет, заминува од партиската сцена кога тоа најмалку се очекуваше… Има разни „легенди“ за тоа дали неговото повлекување е импулсивно, дали е од надвор поттикнато или е внимателно пресметано, но таа историја допрва ќе се раскажува. Меѓу другото и од она што и како ќе го прави неговиот наследник, кого Заев „своерачно“ го промовираше со финалниот авторитет на својата политичка абдикација.

Елем, Димитар Ковачевски вчера го промовираше својот лидерски тим, „подновен“ со повеќе стари партиски кадри, „проверени раце“ од партиската технологија на социјалдемократите, со кои СДСМ „ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира“. Времето е кратко, потребите се итни, а и информациите се штури, за да се процени кој сѐ кумувал во оваа кадровска „реставрација“, но впечаток е дека десетина од најважните луѓе од окружувањето на Заев одат со чувство на извесна изневереност во „предвремена“ партиска „пензија“.

Ако ништо друго, и самото тоа би требало да е знак за опозицијата дека навредливата квалификација „пионот на Заев“, со која цел месец се обидува да го дезавуира Ковачевски, ќе мораат што побрзо да ја сменат со некој нов вид на дисквалификација, нешто можеби помалку простачки, а што покомплексно ќе го опише нивниот гнев кон него, заради фактот што не успеаја со брз собраниски преврат да ја срушат оваа Влада од власт. Нешто што ќе го промени ритамот со кој СДСМ сака да продолжи да владее, без Заев.

Оти, Ковачевски остава впечаток на лидер на кого му се брза, кој нема да има време, ни преголема желба да се занимава со орнаменталната политичка „оставина“ на Заев. И самото полноќно промовирање на новиот раководен тим на партијата Ковачевски го направи рафално, како да чита реферат без ни една драмска пауза или трага од емоција, како да сака што побргу да помине низ таа формалност, за да се зафати со конкретна менаџерска работа.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука