Нова Германија: Легален канабис, двојно државјанство, ќе гласаат и 16-годишници

LinkSense.mk

Идната германска влада со канцеларот Олаф Шолц планира да направи големи општествени промени, од легализација на канабис и намалувањето на старосната граница за гласање на 16 години, до воведување можност за двојно државјанство. Германското државјанство во иднина би можело да се стекне после само пет години престој во земјата, а во одвредени услови после само три, и повеќе нема да треба откажување од основното државјанство.

Со коалицискиот договор објавен минатава недела, лидерите на таканаречената „Семафор коалиција“, која ја сочинуваат Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФПД), го конкретизираа она што го најавуваа после изборите на 26 октомври на кои СПД тесно ги победи демохристијаните на Ангела Меркел: одлучност за општествен исчекор и напредок.

Тие не постигнаа лесно консензус за бројни прашања, од данокот до климатските промени. Но, едно ги спојува, пишуваат во големата анализа британскиот „Финансиал Тајмс“ и германскиот „Цајт Онлајн“: желбата да бидат социјално најнапредна влада.

СПД и Зелените во кампањата ветуваа поголеми даноци, ФДП е стриктно против тоа. Меѓутоа, во потполност се сложуваат околу општествената политика, истакнува Торстен Фаас, политиколог од Слободниот универзитет во Берлин.

Новата влада планира да го укине законот за трансексуалците од 1981 година и да го замени со „закон за самоопределување“ кој е направен така за да го олесни изјаснувањето за промена на полот. Со новиот закон ќе се заобиколат психолозите и судиите и ќе се овозможи промена на полот само со лична изјава во матична канцеларија. Додека осигурувањето досега ги покриваше само операциите за промена на полот под одредени услови, пишува „Цајт Онлајн“, во иднина ќе се покрива целиот трошок од постапката. Се укинува и одредбата со која на хомосексуалците и на трансексуалците им се забрануваше давање на крв.

Ако ‘Семафор коалицијата’ навистина го спроведе сето она што го најави, тогаш Германија на меѓународно ниво ќе отскокне далеку напред“, смета Кале Хамфнер од Транс-Федерација.

Коалицијата одлучи да ја модернизира семејната политика, и го прошируваат и редефинираат поимот политика.

Семејството е разнолико и секаде онаму каде што луѓето ја превземаат одговорноста едни за други“, стои во коалицискиот договор.

Меѓу останатото, сакаат да го прошират и олеснат добивањето на старателство над децата. Досега партнерите, кога ќе се венчаа, имаа право заеднички да одлучуваат за децата кои другото лице ги доведува во бракот. Семафор коалицијатра сака да им овозможи на родителите тоа право да го пренесат и на до две блиски лица со кои не мораат да бидат во брачна или љубовна врска.

Исто така, Германците сакаат да воведат нов вид на партнерство: заедница на одговорности. Две или повеќе возрасни лица би требало да можат да стапат во таква врска со правна одговорност една кон друга: тоа во начело е како бракот, но без претпоставената љубовна врска, пишува „Цајт Онлајн“. На тоа би можеле да се одлучат блиски пријатели, цимери, браќа и сестри. Но што сето тоа правно би значело, не е сеуште сосем јасно.

Би се проширило правото на помош за медицинско оплодување на товар на државата, без оглед на брачниот статус или сексуалната ориентација. Абортусот би бил бесплатен. Коалицијата ветува дека повеќе пари ќе бидат достапни за истражување за контрацепциски средства и за мажи и за жени и крај на маките на родилките, затоа што секоја родилка во болницата ќе има една бабица само за себе.

Се укинува членот 219-а од Кривичниот законик, кој на лекарите кои се занимаваат со абортус им забранува огласување на своите услуги. Тоа практично доведе до забрана за информирање за абортус. За тоа се водеше голема кампања.

Најавата ја фали Кристина Хенел, лекарка и активистка која стана позната во 2017 година откако беше казнета со 6.000 евра затоа што на својата веб страница наведе дека изведува абортус.

Ова е помалку револуционерно“, напиша на Твитер Тереса Бекер, една од најистакнатите активистки за модерниот феминизам, цитирајќи го коалицискиот договор.

Можноста за бесплатни абортуси е дел од сигурната здравствена заштита. А, трудниците кои размислуваат за абортус пред одлуката мораат да се посоветуваат. По ново ќе биде можно да добијат совет преку интернет. Ова не е толку мала револуција“, пишува Цајт Онлајн.

Полицискиот синдикат ја осуди легализацијата на канабисот, а се огласија и конзервативците загрижени за судбината на традиционалното семејство.

Факт е дека во оваа земја постои политичко мнозинство кое ги поддржува овие промени. А, сите останати едноставно ќе мораат да живеат со тоа“, напиша Зидојче Цајтунг минатата недела.

Новата влада ветува олеснување за вселување, во склад со проценката дека на Германија годишно и се потребни 400.000 нови работници. На бегалците би им се олеснило спојувањето со членови од потресното семејство. Повеќе баратели на азил ќе можат да се вработат. Имигрантите без казнено досие после пет години престој ќе имаат право на едногодишна дозвола за престој и ќе се олесни добивањето на дозволите, но и на германското државјанство, а дополнително ќе се олесни и доаѓањето на квалификувани работници.

Фактот дека конечно прифаќаме дека сме земја на мигранти е навистина револуционерен“, рече Џесика Розентал, лидер на Јусос, младинското крило Социјалдемократската партија на Германија.

Германците досега имигрантите ги третираа како „гостински работници“, како лица кои се времено таму.

 

 

 

(Фото: АФП)