Нова закана од Кремљ: Храна ќе им продаваме само на пријателите

LinkSense.mk

Поранешниот руски претседател Дмитри Медведев, човек од доверба на Владимир Путин, упати нова закана кон Западот.

Како што јавува Скај њуз, Медведев рекол дека Русија би можела да го ограничи извозот на земјоделски стоки само во „пријателски“ земји, како одговор на санкциите што Западот ги воведе кон Москва поради инвазијата во Украина.

Тој истакнал дека Русија, еден од водечките светски извозници на пченица, ќе ја разгледа состојбата со снабдувањето со храна и земјоделски производи и ќе објави некои „едноставни, но важни упатства поврзани за безбедноста на резервите со храна во Русија“.

Храна и земјоделски производи ќе извезуваме само за нашите пријатели. За среќа ги има многу, но ги нема во Европа и Северна Америка“, рече Медведев.

Заканата на Дмитриј Медведев доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „непријателските“ земји кои од денеска купуваат руски гас мора да го платат во рубли.

Најсилните европски економии, како Германија, Франција, Велика Британија и Холандија, веќе ја отфрлија таквата уцена.

Путин, да потсетиме, во изјава за руска телевизија рече дека се одлучил на таков потег со цел „да го зајакне рускиот суверенитет“.