Нова опасност за Германија: Метеоролозите најавуваат обилни дождови

Националната метеоролошка служба на Германија прогнозира дека во регионите погодени со разорни поплави овој викенд би можело повторно да има обилни врнежи на дожд.

Метеоролозите најавија локални непогоди од сабота попладне, кои подоцна би се ширеле на поголемите делови на покраината Рајнланд-Палатинат, најтешко погодена во поплавите.

Официјални лица во меѓувреме соопштија дека билансот на жртви во поплавите во таа западна покраина се искачи на 125.

Ширум Германија во поплавите животот го загубија најмалку 174 луѓе. Додека во соседна Белгија настрадаа 31 лице.

Германските власти изградија огромен камп за спасувачките екипи на стадионот Нирбургринг. Повеќе од 4.500 пожарникари, војници и припадници на цивилната одбрана се ангажирани во расчистување на последиците од поплавите.