Нови предлог-мерки: Забрана за организирање на настани, скратување на работното време до 23 часот и редуциран капацитет во јавниот превоз

Целосна забрана за организирање на настани, скратување на работното време на сите економски субјекти до 23 часот и капацитетот во јавниот превоз да биде исполнет до 50 отсто се новите предлог мерки кои биле донесени на денешниот утрински состанок со Комисијата за заразни болести.

Како што изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки.

Додаде дека законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласа во однос на предложениот пакет мерки како задолжително носење маски
на отворено, забрана за групирање по 22 часот и забраната за домашни посети, со цел како што рече, Филипче, инспекторите и Министерството за внатрешни работи да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.

Новите дополнителни мерки, по евалуација на состојбата следните денови и викендот, како што рече Филипче, доколку има потреба, до Владата ќе бидат предложени в понеделник.

„Доколку продолжи трендот на зголемување на случаите, овој пакет, мерки, заедно со тој што треба да помине на Собрание, мислам дека сериозно ќе ја редуцира можноста за трансмисијата на вирусот“, нагласи министерот за здравство.

Рече дека во однос на капацитетите на болниците целосно е подготвена модуларната болница, таму се уште нема примено пациенти, но веќе се пристигнати лекарите и медицинските сестри од другите клиники.

Во однос на бројките на новозаразени Филипче напомена дека кај нас, но и во регионот и во Европа се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, што, како што посочи е нешто што се очекувало согласно есенскиот бран.