Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“, во кое првообвинет е пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Груевски се товари за две дела дела, за „перење пари“ и за „противправно стекнување и прикривање на имот“, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и
Ратка Куновска Камчева за „перење пари“, а поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од
казниво дело“.

На првото рочиште петмината обвинети, Камчев, Мијалков, Новачевски, Јосифовиќ и Куновска – Камчева, се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни.

Во воведниот говор, обвинителката Стефанова, рече дека за секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдат ќе изведат докази и побара да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт.

Одбраната на Камчев, минатата недела на прес-конференција, обвини за скандалозни пропусти во постапката и за, како што рече, реален основ за сомнение дека некои „од надвор“ влијаат на пристрасност на застапникот на обвинението.

Адвокатот, Еленко Миланов, нагласи дека во постапката по редоследот на обвинителниот акт неговиот клиент Јордан Камчев е петтообвинет и единственото лице коешто во изминативе пет-шест месеци, се наоѓа во притвор, но дека се уште нема одлука од Кривичниот совет на Основниот кривичен суд на понудената гаранција
за тој да се брани од слобода – недвижен имот од нешто над милион и седумстотини илјади евра и готовински парични средства од 200 илјади евра.

Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу
11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.

Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето.

На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.