Нов Зеланд на 30 април се отвара за странци

LinkSense.mk

Границите на Нов Зеланд ќе бидат и понатаму затворени за многу луѓе во следните пет месеци, објави владата при претставувањето на внимателната стратегија за ублажување на рестрикциите за патување кои се на сила од март 2020 година.

Таа земја спроведува некои од најострите рестрикции заради ковид-19 меѓу земјите на ОЕЦД.

На тоа и помогна географската изолација, па Нов Зеланд полесно го спречи ширењето на ковид-19, додека економијата заздраве побрзо отколку во некои други островски земји.

Со појавата на позаразната делта варијанта оваа година забавен е процесот на укинување на рестрикциите, а главниот град Аукленд дури сега потполно укинува некои мерки со порастот на бројот на вакцинирани.

Потполно вакцинираните странци ќе можат да влезат во Нов Зеланд од 30 април 2022 година, информираше министерот кому во ресорот му е и одговорот на ковид-19, Крис Хипкинс, на конференција за новинари.

Потполно вакцинираните Новозеланѓани и Австралијанци кои имаат виза за траен престој на островската земја можат да патуваат во Нов Зеланд од 16 јануари, додека вакцинираните резиденти во државата ќе можат да влезат од 13 февруари.

„Пристапот во повеќе фази за поврзување со светот е најсигурен пристап за да можеме внимателно да управуваме со ризикот“, рече Хипкинс.

„Ова ги намалува сите потенцијални влијанија на ранливата заедница и здравствениот систем на Нов Зеланд“, додаде тој.

Потполно вакцинираните патници ќе мораат да имаат и негативен тест пред летот за Нов Зеланд, а по доаѓањето во земјата мораат веднаш да се тестираат на ковид-19. Тие, патем, нема да мораат да престојуваат во државните установи за карантин, што претходно беше случај.

(Фото: ЕПА)