Нов триумф на Ѓоковиќ во Париз и нов светски рекорд

LinkSense.mk

Новак Ѓоковиќ го совлада Данел Медведев во финалето на мастерсот во Париз со 4:6, 6:3 и 6:3 и така му се „освети“ за поразот во завршниот меч за трофејот Ју-Ес опен.

Во натпреварот имаше вистинска спортска драма, водство на Русинот, голем пресврт на Србинот, вистински бравури…

Ѓоковиќ со победата на Медведев влезе во историјата на тенисот. Тој и пред финалето обезбеди и рекорден седми пат годината да ја заврши како најуспешен тенисер, со што го собори рекордот на својот идол Пит Сампрас, со кого досега ја делеше првата позиција.

Гледачите од самиот почеток можеа да уживаат во мајсториите на двајцата тенисери. Најнапред, главно, во изведба на рускиот ас, кој со фантастична одбрана ги запре огромниот број обиди на Ѓоковиќ, па така дојде и до брејк, а неколку минути подоцна и до 0:2.

Иако на Новак не му беше толку лесно во тие моменти, затоа што се потсетуваше на болната лекција од финалето на Ју-Ес опен, неговите бројни навивачи во салата „Берси“ почнаа да добиваат причини за здоволство затоа што најнапред „со нула“ го освои својот сервис гем, а и гемот на противникот. Меѓутоа, и покрај тоа што после петнаесетина минути на многу интересно натпреварување Ѓоковиќ имаше 3:2, па потоа и брејк топка, одеднаш се некако се распадна во неговата игра.

Одличниот сервис на Медведев ја анулираше таа прилика за потоа тој да ја превземе иницијативата, драстично го намали бројот на грешките и, со брејкот кој потоа го направи, ја освои воведната делница. Сосем заслужено, затоа што во неа направи помалку грешки (6 наспроти 12), а поголемата агресивност на Ѓоковиќ, која се очитуваше и во бројот на директни поени (11:8), токму заради споменатите грешки го чинеше загуба на сетот.

Во вториот двајцата дополнително го подигнаа нивото на својата игра. Публиката уживаше во тениските „магии“, но и се однесуваше проблематично. Третиот гем повеќе пати беше прекинуван, затоа што судијата, Французинката Орели Турт, мораше да ги опомене навивачите заради движење. Следниот гем беше, се чини, најважен.

Тогаш Медведев водеше со 40:15, имаше и три аса, а гемот сепак беше решен со брејк на Ѓоковиќ којшто се врати во игра и, како некогаш, со неверојатни потези го сврти резултатот и направи брејк за 3:1. Но, тука беше и почетокот на драмата. Затоа што Русинот не се откажуваше од намерата да го „врати ударот“, а особено се бореше во последниот гем од вториот сет. Тој потраја дури 12 минути, во него Данил имаше и три брејк топки, а тогаш на неверојатен начин спаси спаси две сет прилоки кои ги изгради Новак. Третата, меѓутоа, не можеше.

Борбата, а и спортската драма, го достигнува врвот како што се ближеше завршницата на мечот, затоа што секој поен беше „најважен дотогаш“, но она што Русинот никако не можеше да го спречи, тоа беше главното оружје на Ѓоковиќ – смиреноста. Впрочем најдоброто. И уште еднаш, во вистинска резултатска драма покажа дека е најдобар на светот.

Ѓоковиќ притоа постави нов светски рекорд според титулите од турнирите од „серијата 1000“, по што досега го делеше првото место со Рафаел Надал, а од сега самостојно владее.

Тој стана дури трет во историјата на белиот спорт кој во иста сезона ги освои и Ролан Гарос и парискиот мастерс. Пред него тоа им појде од рака само на Романецот Илие Настасе во 1973 година и на Американецот Андре Агаси во 1999 година.

Кога станува збор за АТП листата, Новак Ѓоковиќ и понатаму нема никаков проблем на неа – ја започна дури 346 недела од владеењето и со тоа само го зголеми својот рекорден учинок по тоа. Далеку зад него останаа остварувањата на Федерер (310 седмици), Пит Сампрас (286), Иван Лендл (270), Џими Конорс (268) и Рафаел Надал со само 209 недели на врвот на АТП листата.

 

 

 

 

(Фото: АП)