Норвешка почна со гасење на ФМ сигналот

Во Норвешка почна процесот на гасење на аналогните радио станици и со тоа стана првата земја на светот која постепено ќе ја укинува технологијата на модулација на радио фрекфенцијата (ФМ, УКТ) за националните и некои регионални радио-емитери.

ФМ сигналот е угасен во регионот Артик-Нордланд, а ќе се продолжи со постепеното префрлање на сигналот на дигитално аудио емитување, ДАБ.

Во јавната библиотека во Бодо, на северот на Норвешка, со звуци на барабан и одбројување на публика, префрлувањето од ФМ на ДАБ го изврши со повлекување на рачка слушателката Бертих Паулин Олдерског, која била верна на ФМ сигналот повеќе од 70 години.

Присутните норвешки и европски официјални лица оценија дека овој настан, пренесуван на интернет, е „историски момент“ кој покажува дека медиумите „можат да се обноват за модерниот свет“.

Одлуката за гасење на ФМ сигналот норвешкиот парламент ја донесе во 2011 година.

Таа ќе биде применета само за националните и одделни регионални радио станици, додека повеќето локални радио станици својата програма ќе продолжат да ја емитуваат на ФМ.

Владата оценила дека ФМ радио мрежата е многу скапа за одржување поради топографијата на Норвешка, поради длабоките фјордови, високите планини и расфрланите населби.

Според официјалните податоци, заштедата ќе изнесува 200 милиони круни или нешто над 22 милиони евра.