Нојес Дојчланд: Застрашувачки крај за Груевски?

Левичарскиот германски весник Нојес Дојчланд анализирајќи ја состојбата во Македонија и постизборната пат-позиција во која прашањето за идниот мандатар на владата се уште не е решено, предвидува тежок крај на политичката кариера на Никола Груевски.

„Крајот на долготрајната криза во Македонија сѐ уште не е на повидок. Но, два месеци по пат-позицијата која ја предизвикаа парламентарните избори, се чини дека во земјата во која 11 години владее национал-популистичката ВМРО-ДПМНЕ ќе има смена на власта“, се наведува во текстот во Нојес Дојчланд.

Патем, весникот ја објаснува состојбата во земјата по откривањето на скандалот со прислушкувањето и длабоката политичка криза која следеше потоа. Неуспехот на Груевски да формира влада по изборите го објаснува со „поделеноста во ДУИ“, партија која „не сакала и натаму да коалицира со целосно дискредитираниот Груевски“.

Меѓу другото, се цитира изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој го повика претседателот на државата Ѓорге Иванов да му го даде мандатот на мнозинството формирано од СДСМ и албанските политички партии.

„Но, дали Иванов ќе го послуша апелот од Брисел не е воопшто сигурно. Во минатото, шефот на државата се покажа како партнер во неволја на Груевски. На почетокот на 2016, Иванов се обиде со една контроверзна и превентивна амнестија да ги заштити политичарите на ВМРО од натамошна истрага. И по неуспешниот обид на Груевски да состави влада тој не му го даде мандатот на Заев како што се очекуваше, туку наметна нови услови. Само оној кој ќе собере 61 потпис од пратениците и ќе ја чува унитарноста на државата, ќе добие мандат за формирање влада од него.
Ескалацијата на политичките превирања сега е закана за привилегиите на Груевски, кој по разградувањето на напластената моќ сега стравува и за својата слобода“, пишува Нојес Дојчланд.

Во повеќе весници од германското јазично подрачје се пренесува веста за можноста Заев да формира влада и за протестите кои по тој повод се одржаа во Скопје.