Развиените земји го исполнија ветувањето за тоа да обезбедат 100 милијарди долари помош за посиромашните земји, за тие да можат да се соочат со климатските промени, соопшти вчера Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), потврдувајќи дека целта е постигната со две години задоцнување.
Во 2009 година, развиените земји ветија дека од 2020-та годишно ќе префрлаат по 100 милијарди долари на посиромашните нации кои ги мачат трошоците поврзани со се поголемите последици од климатските промени.
Во 2022 година тие обезбедија 115,9 милијарди долари наменети за финансирање на борбата против климатските промени, со што за прв пат ја исполнија целта, се наведува во извештајот на ОЕЦД.
Вкупниот износ вклучува и приватни финансирања собрани преку јавни фондови.
Сумата од 100 милијарди долари е далеку помала од трилиони долари, колку што земјите во развој треба да инвестираат во чиста енергија за да ги исполнат климатските цели и да ги заштитат своите општества од екстремни временски непогоди и пораст на нивото на морето.
Финансиите ќе бидат централна тема на овогодинешниот самит за климата на Обединетите нации (COP29), кој ќе се одржи во Баку во ноември.
Главната задача ќе биде да се постави нова цел за климатско финансирање за земјите во развој, која после 2025 година ќе ја замени целта од 100 милијарди долари годишно.
Но, државите веќе се поделени околу новата цел.
Европската унија, моментно најголемиот светски донатор кој осигурува средства наменети за финансирање на борбата за климатските промени, бара повеќе земји да се посветат на новата цел, вклучително и најголемите светски економии во развој, како и оние со високи емисии на јаглерод диоксид (СО2) и високи финансиски средства по глава на жител, како што се Кина и државите од Блискиот Исток.
Но, Кина, која денес е најголемиот светски емитер на јаглерод диоксид, цврсто се спротивстави на таквата цел за време на последните преговори на ОН за климатските промени.
Ниту Кина, ниту повеќето други земји во моментов немаат обврска да придонесуваат за целите на ОН, како што е финансирањето на борбата против климатските промени. Списокот на земји обврзници да придонесуваат, кој не е ажуриран од 1992 година, вклучува околу дваесетина земји кои станаа индустријализирани уште пред неколку децении.