Огромен протест за поддршка на Русија во Берлин. Германците се бесни

LinkSense.mk

Во неделата во Берлин се одржа протест против растечката нетрпеливост кон Русите во Германија, при што очигледно учествуваа поддржувачи на режимот на Путин, што предизвика остри критики од политичарите и дипломатите.

Во колоната од 400 возила беа околу 900 луѓе, а протестот заврши со собир на Олимпискиот стадион. Некои автомобили го носеа руското знаме, а еден дури и симболот „Z“. Учесниците, наводно, пееле руски патриотски песни, пишува „Гардијан“.

Организаторот на протестот, автомеханичарот Кристијан Фрејер, ја постави Давидовата ѕвезда на предниот дел од автомобилот над натписот: „Дали ќе бидеме следните?

Тој го спореди порастот на нетрпеливост кон Русите во Германија со прогонот на Евреите под нацистичкиот режим. Рече дека е лут на „пропагандата за руската инвазија“, за која почнало да се зборува и во германските училишта.

Полицијата подоцна му нареди на Фрајер да ја отстрани Давидовата ѕвезда од возилото.

Украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелнк, изјави дека е шокиран што полицијата дозволила да се одржи таков собир. Протестот очигледно бил пријавен и полицијата им обезбедила заштита на демонстрантите.

Господе, како можеа да дозволат ваква поворка, поворка на срам, среде Берлин? напиша Мелнк на Твитер, критикувајќи ги притоа и полицијата и градоначалничката на Берлин, Франциска Гифи.

Градоначалничката одговори на неговите критики, велејќи дека таа „го разбира и ја осудува секоја изјава што ја намалува руската агресија“.

Берлинскиот Сенат, исто така, изрази загриженост, особено поради тоа што наскоро доаѓа годишнината од крајот на Втората светска војна (8 и 9 мај), за која сметаат дека може да биде искористена од руските националисти.

Торстен Акман, секретар на берлинското Министерство за внатрешни работи, рече дека во полиција за сега не е пријавен протест за тие датуми и дека тие „многу внимателно следат како ќе се развиваат работите.

Фрајер, кој живее во Германија од 2001 година, откако се преселил од Русија, рече дека неговата главна цел била да го привлече вниманието кон растечкото непријателство кон Русите или граѓаните со руско потекло во Берлин. Тој за Билд изјави дека е изненаден од големата излезност.

Очекував да се појават околу 30 автомобили. Сè уште сум во шок што дојдоа толку многу. Јас сум 100% против војната, како и останатите учесници во протестот“, рече Фрајер, додавајќи дека многу Германци не разбираат низ што Русите минуваат.

Рече дека згрешил кога ја ставил Давидовата ѕвезда на автомобилот.

За време на протестот, полицијата отстрани најмалку едно возило поради истакнувањето на симболот „Z“, кој е забранет на јавни места во три германски сојузни држави, вклучително и во Берлин.

Беше организиран и контрапротест, но полицијата им нареди на учесниците да се разотидат бидејќи настанот не беше пријавен.

Херберт Реул, министерот за внатрешни работи на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, истакна дека е згрозен од протестот и фактот дека насобраните имаат полициска заштита.

Со оглед на злосторствата на кои бевме сведоци во последните денови, не ми е јасно како некој може на овој начин да им даде поддршка на воени злосторници“, рече тој.

Германскиот сојузен министер за правда, Марко Бушман, вели дека отворената поддршка за руската инвазија на Украина е кривично дело, а неговиот колега од ФДП, Штефан Тома, го нарече собирот „вознемирувачки и несоодветен“ и додаде дека треба да се испита дали учесниците може да бидат кривично гонети.