Судскиот совет денеска одзеде имунитет на пет судии од Управниот суд кои беа под истрага во предмет покренат од Специјалното јавно обвинителство поврзан со сомневањата за изборни измами, а под кодно име „Титаник 2“.
Петтемина судии се сомничат за злоупотреба на судиската функција во партиски цели – судско решавање на приговори во корист на една партија.
Неофицијално, станува збор за судиите Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Аранѓелова, Анета Џигерова и Газменд Фејзулаи.
Освен за имунитетот на петте судии, Судскиот совет денеска донел решение и за престанок на судиска функција на двајца судии, на Абдула Лимани, судија од Апелацискиот суд во Скопје, и на Јаготка Денковска, судија во Основниот суд во Куманово, поради навршени 64 години.







